Припадниците на Националната гарда патролираат во областите околу Белата куќа и делот полн со туристи помеѓу Конгресот и Споменикот на Линколн, како и во железничките и метро-станиците
Припадниците на Националната гарда на Соединетите Американски Држави (САД) се испратени во Вашингтон од страна на американскиот претседател Доналд Трамп од вчеравечер, пренесува Си-ен-ен.
На гардистите им е дозволено да користат сила само како последно средство и исклучиво како одговор на непосредна закана по животот.

Минатата недела министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека членовите на Националната гарда што се распоредени како дел од антикриминалната агенда на претседателот Доналд Трамп во главниот град на земјата се овластени да носат оружје.
Не е утврден точниот број членови на Националната гарда што ќе бидат вооружени.
Според неофицијални извори, војниците ќе носат пиштоли М17 или пушки М4.
Две недели, стотици членови на Националната гарда патролираат по улиците на главниот град на САД откако Трамп прогласи вонредна состојба, тврдејќи дека Вашингтон е преплавен од криминал.
Тој вчера ја навести и можноста за испраќање на Националната гарда и во Балтимор, град во сојузната држава Мериленд.
Инаку, во главниот град на САД се стационирани повеќе од 1 900 члена на Националната гарда од Вашингтон, како и од сојузните држави Охајо, Луизијана, Мисисипи, Јужна Каролина, Тенеси и Западна Вирџинија.
Припадниците на Националната гарда патролираат во областите околу Белата куќа и делот полн со туристи помеѓу Конгресот и Споменикот на Линколн, како и во железничките и метро-станиците.
Трамп на 11 август изјави дека ќе го заштити Вашингтон од криминал, крвопролевање, хаос и беда.
Тогаш градоначалничка на Вашингтон, Муриел Баузер од Демократската партија, ги отфрли тврдењата на Трамп велејќи дека градот не доживува пораст на криминал. Според неа, насилниот криминал минатата година бил на најниско ниво во повеќе од три децении.
Потоа американскиот претседател ја обвини дека дава лажни и неточни бројки за криминалот во главниот град.
Трамп ги повтори и своите планови за распоредување безбедносни сили и во Чикаго и во Њујорк, како и во Балтимор.
Во јуни Трамп веќе ги мобилизира Националната гарда и маринците во Лос Анџелес за да се прекинат протестите против миграциската политика.