Од Управата на полицијата на Црна Гора соопштија дека акцијата „Трново“ е резултат на повеќемесечни истражни мерки
Во координирана полициска акција на повеќе сектори на Управата на полицијата на Црна Гора, под раководство на Вишото државно обвинителство во Подгорица, во местото Трново во општината Бар, била откриена досега најголемата плантажа за марихуана во Црна Гора, објави црногорската полиција. Во акцијата се уапсени две лица, 40-годишниот Златко Мараш од градот Зета, како и 65-годишниот Драган Перовиќ од Бар.
Од Управата на полицијата соопштија дека акцијата, со кодно име „Трново“, е резултат на повеќемесечни истражни и доказни мерки, реализирани од страна на Граничната полиција, Секторот за борба против криминал и обвинителството во Подгорица. Целта, како што нагласуваат, била разбивање на синџирите на производство, дистрибуција и шверц на дрога.
„Во рамките на акцијата, на територијата на општина Бар, во местото Трново, биле откриени осум парцели со околу 13 100 садници канабис во напредна фаза на одгледување. Плантажата била опремена со системи за наводнување, софистицирана технологија за одгледување, како и физичко и техничко обезбедување, што укажува на висок степен на организација на извршителите, кои спроведувале и мерки на контранадзор“,
се вели во соопштението на црногорската полиција.

На самото место биле затекнати двете осомничени лица, кои веднаш биле приведени. Полицијата во координација со обвинителството извршиле увид и започнале со собирање докази, како и изземање и уништување на садниците. Дополнително, како што велат властите, биле претресени неколку куќи, како и три возила на четири локации кои биле користени од осомничените, при што биле пронајдени предмети и докази кои ќе бидат предмет на понатамошно вештачење.

По завршувањето на криминалистичката обработка, по наредба на државниот обвинител, двајцата биле приведени под сомнение за кривично дело – недозволено производство, држење и пуштање во промет наркотични дроги.
Од полицијата велат дека акцијата „Трново“ е доказ за континуираниот ангажман на сите полициски структури во откривање на криминални дела, разбивање на синџири за производство и шверц на дрога и гонење на членови на организираните криминални групи.
„Со оваа акција уште еднаш покажуваме одлучност, посветеност и непоколебливост во борбата против сите форми на организиран криминал, во мисијата за заштита на безбедноста, животот и здравјето на граѓаните“,
се вели во соопштението.