Законот за попис е дело на министрите и пратениците на ДУИ, кои го подготвија и предложија, а потоа и го гласаа законот со кој „сограѓаните од дијаспората се третирани како странци во сопствената земја“, велат од ВЛЕН
ДУИ се преправа дека е загрижена за правичната застапеност на Албанците, но, вистината е горчлива – тие ја создадоа неправдата што ја осудуваат денес, велат од ВЛЕН. Законот за попис, како што велат, е дело на министрите и пратениците на ДУИ, кои го подготвија и предложија, а потоа и го гласаа законот со кој „сограѓаните од дијаспората се третирани како странци во сопствената земја“.
„Резултатот е јасен и трагичен: бројот на Албанците не е статистичка грешка, туку намерно намалување и напад врз правичната застапеност. Тоа е историска неправда, која ќе се памети како едно од најголемите предавства на албанската кауза. Додека врвот на ДУИ се занимаваше со купување трговски центри, трговија со електрична енергија и бизнис со нафта, Албанците доживеаја неправда од државата. Денес, ВЛЕН е коректорот на свесните грешки на ДУИ. Нивните секојдневни напади врз нас се најјасен доказ дека знаат каде погрешиле и каде лежат нивните гревови“,
велат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН додаваат и дека тие не постоеја како политички ентитет во 2021 година кога беше спроведен пописот.
„Нема амнестија за политичка вина. Нема да дозволиме бројките и достоинството на Албанците да бидат фалсификувани. Нема да дозволиме оние што го создадоа проблемот денес да бидат продавани како спасители“,
додаваат од ВЛЕН.
Од ДУИ денеска реагираа на одлуката на ДИК за упатството за бројот на советници во општините и Градот Скопје. Според ДУИ станува збор за „етничко надгласување“ и намалување на бројот на советници исклучиво во албанските општини. Одлуката на ДИК ја оценуваат како срамна и обвинија дека ВМРО-СДСМ и ВЛЕН се против Албанците.