„Во меѓувреме, ние не забавуваме со дипломатијата, со сите наши контакти со партнерите, за да се одвиваат преговорите – онаков вид преговори кои навистина можат да го доближат мирот“, вели украинскиот претседател

Оваа војна мора да биде приведена до крај. Мора да се изврши притисок врз Русија за да се стави крај на војната. Путин не разбира ништо освен сила и притисок, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање.
Коментарите на Зеленски доаѓаат откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата мрежа Трут соушал дека е многу тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без да се нападне земјата напаѓач.
Според Зеленски, претседателот на САД е апсолутно во право и додава дека ова не може да се направи само со одбрана.
„Во меѓувреме, ние не забавуваме со дипломатијата, со сите наши контакти со партнерите, за да се одвиваат преговорите – онаков вид преговори кои навистина можат да го доближат мирот“,
вели Зеленски.
Тој додава дека во текот на вчерашниот ден советниците за национална безбедност работеле и имале разговори кои и денеска ќе продолжат.
„На нивно ниво, војската – врховниот командант, Генералштабот – работи на воената компонента на безбедносните гаранции за Украина. Сега, секој ден ги изразува контурите на идната безбедносна архитектура за Украина. Оружје, средства, соработка со партнерите, сили на теренот, во воздухот и на море. И секој ден, ќе има нови чекори од партнерите за поддршка на Украина – ќе имам многу дипломатска работа да направам“,
додава Зеленски.
Вчера украинските воздухопловни сили објавија дека во текот на ноќта Русија извршила еден од најголемите воздушни напади во кој се испукани околу 574 беспилотни летала и 40 ракети, главно кон западните региони на земјата, далеку од фронтовските линии на исток и југ.
Во нападот убиено е едно лице, а 15 се повредени.
Нападот се случи неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин беше во Алјаска на средба со американскиот претседател Доналд Трамп за да ги презентира своите услови за мир, вклучително и повлекување на Украина од целиот регион Донецк, иако тој не е под руска воена контрола.
Зеленски рече дека нападот е извршен како ништо да не се променило. Тој нагласи дека Москва не покажува знаци на подготвеност за мировни преговори и ги повика сојузниците да применат поголем притисок, вклучително и нови санкции и царини.
Ројтерс вчера објави дека на средбата на Путин со Трамп, рускиот претседател се согласил на територијалниот компромис што го понудил и во јуни 2024 година, кога побарал од Киев да се откаже од четири покраини за кои Москва тврди дека се дел од Русија – Донецк и Луганск во источна Украина, кои го сочинуваат Донбас, и Херсон и Запорожје на југ.
Изворите на „Ројтерс“ велат дека во новиот предлог, рускиот претседател се држел до барањето Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што ги контролира, додека за возврат Москва би ги задржала своите сегашни фронтовски линии во Запорожје и Херсон.
Доколку се постигне договор, Москва е подготвена да предаде некои делови од Харков, Сума и регионот Днепропетровск под украинска контрола, велат изворите.