Во интервју за неделникот „Фокус“, министерот за правда рече оти можеби е дојдено време да се размисли за потребата од ревидирање на Бадентеровото мнозинство
Адеми повика и на обединување на сите етникуми за спротивставување на овие политичари, за кои кажа дека наликуваат на оние од пред 1990 година кои предизвикувале војни и тензии во целиот регион
За жал, сè повеќе се дава простор на политички сили и политички актери кои имаат опасни идеи, кои мислат дека мултиетничките држави се нефункционални и кои се поборници на чисти етнички држави – реагираше портпаролот и потпретседател на Демократската унија за интеграции (ДУИ), Арбер Адеми, на новинарско прашање каков е ставот на партијата по изјавата на министерот за правда Игор Филков оти можеби е дојдено време да се размисли за потребата од ревидирање на Бадентеровото мнозинство.

Адеми вели оти ваквите идеи и идеолози се опасни оти така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи и оти јавноста е сведок како оваа влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор, што се покажало со конкретни дела, како укинување на „балансерот“, непочитувањето на правичната застапеност и непочитувањето на албанскиот јазик и Законот за албански јазик.
„Со непочитување на албанскиот јазик и Законот за албанскиот јазик, со поднесување иницијатива за укинување на Законот за албански јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ и други субјекти и секојдневно се соочуваме со истата ситуација. Вакви идеи од политички сили и политичари се преопасни, не само за РСМ, туку и за целиот регион кои мислат погрешно дека мултиетничките држави не функционираат“,
рече Адеми.
Портпаролот на ДУИ вели и оти според ваквите стратегии и планови со кои се напаѓаат столбовите на Уставот и на Охридскиот договор, нема добро утре за сите нас, и, за жал, а тоа се потврдува секој ден, како што кажа, од формирањето на владата без етнички легитимитет до денес.
„Не може да се формира влада без етнички легитимитет и ете со која ситуација се соочуваме сега, каде нема Бадентер а има политичари кои имаат опасни тези да се гази системот, Охридскиот договор и целиот систем кој ние сме го воспоставиле со договор во 2001 година за да градиме еднаква и заедничка татковина“,
изјави тој.
Адеми е дециден дека кога некој ги „гази“ тие начела, тие се принудени да кажат отворено и искрено дека земјата не се движи во добар правец и оти нема да има функционални институции, туку напротив, ќе има заострување на етничките односи, а тоа не носи добро никому.
„Државата можеме да ја градиме само заедно почитувајќи го уставниот поредок, а не со лиферување на опасни идеи не само за РСМ, туку за целиот народ. Затоа тука зборувам за обединување на сите, да се спротивставиме на овие политичари кои наликуваат на оние пред 90-та година, кои предизвикувале војни и тензии во целиот наш регион. Треба да размислуваме за европска иднина, а не за вакви тези“,
заклучи Адеми.
Филков во интервју за „Фокус“, направено пред гласањето во Собранието во саботата, кога не беа изгласани измените во Изборниот законик поради немање Бадентер, а објавено денеска, меѓу другото рече дека се надева оти Собранието ќе ја заврши домашната задачи и нема да дозволи правен вакуум, но доколку тоа не се случи, значи дека употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и ако е така, тогаш можеби е дојдено време да се размисли за потребата тоа да се ревидира бидејќи Македонија мора да оди напред.
Синоќа, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), поранешен шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, реагираше на овој наслов на неделникот на социјалните мрежи, велејќи дека со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор.
За потсетување, во саботата законодавниот дом одржа седница на која точка на дневен ред беа измени на Изборниот законик. Целта беше да се регулира и бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори.
Со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден „воздржан“ пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа овие измени.
Но, на гласањето според Бадентеровиот принцип тие не поминаа, бидејќи од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“.
Измените, всушност, не поминаа зашто не ја добија поддршката од опозициската ДУИ и коалицијата што оваа партија ја предводи во парламентот.