Иако измените добија 67 гласа „за“, од пратениците од немнозинските заедници ги поддржаа само 11, а 18 беа „против“
Претходно, на комисиската расправа беше прифатен амандман на Левица со кој минималниот праг за граѓански потписи за независни кандидатури беше намален на 0,5 отсто од запишаните избирачи во конкретната општина наместо 0,95 отсто, како што стоеше во оригиналниот предлог на власта

Со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа измените на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори. Но, на гласањето според Бадентер измените не поминаа – од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“ (немаше воздржани).
По ова претседателот Африм Гаши констатираше дека Собранието не го донесе законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Овој епилог значи дека за претстојните локални избори ќе може да се пријавуваат и независни (непартиски) кандидати за градоначалници и листи на советници, без претходно да собираат граѓански потписи.
ДУИ против
На гласањето му претходеше кратка дебата меѓу пратеници од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, ЗНАМ и Левица.
Пратениците од „Европски фронт“ рекоа дека не биле консултирани за предлог-измените кои вообичаено се носат со консензус. Тврдеа и дека со законското решение се нарушуваат правата на нерезидентното население во земјава, односно на иселениците кои, како што рекоа, повеќето се Албанци.
На ова одговори координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, кој рече дека се уште е на истото мислење од пред четири години дека не треба да се зголеми бројот на потписи за независните листи.
„Сакајќи да покажеме дека воопшто не само што не се плашиме, туку поддржуваме активно демократско учество, решивме да прифатиме и еден од амандманите на другите политички партии и ја симнавме на 0,5 отсто од запишаните избирачи бројката што се бара за потписи за независни листи“,
рече Карапејовски.
Според него, она што ќе се случи е, како што рече, една исклучително благородна идеја која се нарекува Бадентерово мнозинство, односно некој да не може да мајоризира некој друг што не е мнозинство во државата, да се злоупотреби.
„Ќе се злоупотреби затоа што ќе се бара нешто што воопшто не е дел од овој Изборен законик, да се пазариме за да може ова да помине“,
додаде тој.

ФОТО: Принтскрин
Пред гласањето, на почетокот на пленарната седница, беше одлучено предлог-измените да се носат по скратена постапка, откако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и предлагач на законот, Никола Мицевски, ја образложи потребата за тоа.
По усвојувањето на дневниот ред, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да одржат седници на кои ќе ги разгледаат измените и дополнувањата.
Со амандман на Левица прагот се намали на 0,5 отсто
Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги проследи на натамошна постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници, градоначалник или општински советници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица односно општината. Оригиналниот предлог на пратениците од власта предвидуваше собирање потписи од најмалку 0,95 проценти од запишаните избирачи.
Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и на пленарната седница, и на седницата на Комисијата рече дека со ова решение се прават напори да биде пополнета правната празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од група избирачи.
За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија, а го усвои и амандманот.
Не помина и усогласувањето за порталите
Мицевски во образложението на предлог-законот рече дека со него се дефинираат и интернет-порталите согласно Законот за медиуми, со што, според него, би се регулирала и регистрацијата на порталите во платеното политичко рекламирање.
„Бидејќи процесот за донесување апликации до ДИК е почнат, а има одредени реакции од ваквиот вид медиуми, ќе интервенираме и со амандман за истата одредба да важи од 1.1.2026 година. Со ова може да дозволиме на сите електронски медиуми кои учествуваат во платеното политичко рекламирање на овие избори да имаат еднакви права и услови, а подоцна да бидат регулирани“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, седницата за предлог-законот за изменување на Изборниот законик беше закажана вчера откако веќе беа распишани локалните избори, а пратениците заминаа на одмор.
Во предлогот беше предвидено дека граѓаните што ќе сакаат да учествуваат на локалните избори како независни кандидати за градоначалници или со листи за советници ќе треба да соберат најмалку 0,95 отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во конкретната општина односно Градот Скопје.
Тоа е за само 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд го прогласи за неуставен во мај годинава.
Откако Гаши ги распиша изборите во саботата, кај граѓанските организации се јави дилема дали тие ќе може да учествуваат на изборите и дел од нив почнаа со собирање потписи за формирање политичка партија.