Ѓорѓиевски вели дека чистотата на Скопје е врвен приоритет за градската администрација, со оглед на тоа што главниот град е лицето на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека Скопје треба да се трансформира во позелен град, по примерот на Париз, но дека претходно мора темелно да се исчисти

Со пораката „Наше Скопје, наша одговорност“, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го означи почетокот на најмасовната еколошка акција на Балканот – „Генералка викенд“. Во акцијата годинава мобилизирани се десетици илјади волонтери, над 600 организации, повеќе од 250 државни институции и приватни компании.
На настанот присуствуваа високи државни претставници и дипломати, меѓу кои претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, како и раководството на Министерството за животна средина и просторно планирање, предводено од министерот Муамер Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.
„Денешниот настан е силна порака дека чистата животна средина е заедничка одговорност. Секој од нас има улога во изгледот на својата улица, своето маало и својот град и држава“,
вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Освен во главниот град, акцијата се спроведува на 500 локации ширум државата во 80 општини.
Ѓорѓиевски вели дека чистотата на Скопје е врвен приоритет за градската администрација, со оглед на тоа што главниот град е лицето на Македонија.
„Скопје е дом на стотици илјади граѓани, град во кој секојдневно живееме, работиме, се движиме, ги растеме нашите деца и ги пречекуваме нашите гости. Затоа Скопје мора да биде чисто, уредно и достоинствено“,
вели градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека екипите на јавните претпријатија во три смени се активни за чистење и одржување на градот.
„Но, колку и да работат институциите, градот не може да биде чист ако сите заедно не го чуваме. Затоа во наредните денови започнуваме и кампања за подигнување на јавната свест за одржување чиста животна средина, со јасна порака дека отпадот не припаѓа на улица, во парк, на кеј или покрај контејнер, туку таму каде што му е местото“,
додава тој.
Рече и дека со поддршка на Владата и премиерот Христијан Мицкоски, во завршна фаза е набавката на 40 нови камиони за „Комунална хигиена“, како и нова механизација за „Паркови и зеленило“.
Тој најави дека истовремено на терен ќе има засилени инспекциски екипи.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека „Генералка викенд“ треба да прерасне од симболична акција во секојдневна животна навика.
Таа направи паралела со јапонската култура, каде граѓаните го почнуваат денот со чистење на просторот околу своите домови.
„Човештвото води војна со планетата, што води кон самоуништување, природата и живиот свет се постари од човекот и затоа заслужуваат посебна заштита“,
истакна претседателката.

Таа додаде дека Скопје треба да се трансформира во позелен град, по примерот на Париз, но дека претходно мора темелно да се исчисти.
„Овде зад мене е градоначалникот на Скопје и јас посакувам да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ана Идалго, која некои париски улици ги трансформира во зелени површини. Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да се озелени, но претходно треба да се исчисти“,
додаде таа.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа порача дека „Генералка викенд“ е доказ оти промените се можни кога заедно дејствуваат граѓаните, институциите и приватниот сектор.
Дополни дека како Министерство се целосно посветени на воспоставување регионален систем за современо управување со отпад.
Австрискиот амбасадор Мартин Памер оцени дека „Генералка“ е импресивен македонски бренд i нагласи оти со задоволство учествува во акцијата секоја година.
„Генералка викенд“ се одржува од 2021 година и е замислена како десетгодишна национална иницијатива. Досега, во рамки на акцијата, учествувале над 100 илјади волонтери од сите општини, собрани се повеќе од 1,5 милиони килограми отпад, а секоја година се реализираат акции на над 500 локации низ Македонија.
