Песков за руската државна телевизија изјави дека Трамп имал исклучително необичен пристап кон најтешките прашања – нешто што, според него, било високо ценето во Москва и лично од Путин

Не е планирана заедничка декларација по средбата меѓу рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, јавуваат руските медиуми.
„Не, ништо не се очекува, ништо не е подготвено и малку е веројатно дека ќе има некаков документ. Со оглед на фактот дека ќе има заедничка прес-конференција, претседателот секако ќе го изложи обемот на договорите и аранжманите што можат да се постигнат“,
рече Песков зборувајќи пред утрешниот самит во американската држава Алјаска..
Портпаролот на Кремљ рече дека во оваа фаза би било грешка да се прави обид за предвидување на исходот од средбата, истакнувајќи дека самитот е подготвен во многу краток рок.
Песков за руската државна телевизија изјави дека Трамп имал исклучително необичен пристап кон најтешките прашања – нешто што, според него, било високо ценето во Москва и лично од Путин.
Гледиштето на Украина треба да се земе предвид во последователните фази, рече Песков.
„Во моментов ова е состанок на највисоко ниво меѓу Русија и САД“,
изјави портпаролот на Кремљ.
Претходно денеска советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков, изјави дека самитот ќе се фокусира првенствено на мирното решавање на конфликтот во Украина, но и на билатералните односи, пишува ДПА.
Американскиот претседател Доналд Трамп процени дека постои 25 проценти ризик неговиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин утре во Алјаска, кога треба да разговараат за војната во Украина, да пропадне.