Вчера биле ангажирани речиси 5 000 пожарникари потпомогнати од 33 авиони и хеликоптери за да ги контролираат и гаснат пожарите што се разгоруваат поради силните ветрови и топлите и суви временски услови во близина на градот Патра на полуостровот Пелопонез, како и на островите Хиос и Закинтос

Пожарникарите се борат со повеќе пожари низ Грција. Дел од нив се закана за повеќе села и градови во близина на градот Патра на полуостровот Пелопонез, како и на островите Хиос и Закинтос.
Во пожарите веќе изгореа куќи, фарми, фабрики и други објекти, а досега се евакуирани илјадници жители и туристи.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека десетици луѓе се хоспитализирани поради вдишување чад. Портпаролот на противпожарната бригада, Василис Ватракогијанис, изјави дека досега околу 13 пожарникари се здобиле со изгореници и други повреди.

Вчера биле ангажирани речиси 5 000 пожарникари потпомогнати од 33 авиони и хеликоптери за да ги контролираат и гаснат пожарите што се разгоруваат поради силните ветрови и топлите и суви временски услови во близина на Патра, Хиос и Закинтос, како и во најмалку три места во внатрешноста на државата.
„Денес ќе биде уште еден многу тежок ден, бидејќи ризикот од пожари за повеќето региони на земјата ќе биде многу висок“,
рече Ватракогијанис.

Вчера во близина на Патра пожар зафати и фабриката за цемент. Истиот пожар изгоре маслинови насади и шуми и го прекина железничкиот сообраќај.