„Она што мене ми е приоритет е дека дозволите за градење и воопшто плановите треба да бидат усогласени со стандардите, значи оној стандард 3, 30, 300 ќе се борам да се воведе во нашата општината. Тоа значи дека секој кога ќе стане од прозор барем три дрва да види, по секој жител барем 30 квадрати да има зеленило и на 300 метри да има парк“, вели Ивановска
Граѓанските иницијативи од Платформата „Независни заедно“ денеска ја преставија Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата во својство на независен кандидат рече дека правдата, интегритетот и одговорноста се вредности што ја водат цел живот, и дека кампањата ќе се базира на три столба.
„Мојата кампања ќе се базира на три столба. Првиот столб е одговорност, отчетност и транспаретност бидејќи општината припаѓа на сите граѓани и секој граѓанин мора да знае како и кои политики се креират и го обликуваат неговиот живот. Вториот столб е инклузивност бидејќи секој граѓанин е важен и неговата индивидуалност и креативност е важна за заедницата. Третиот столб е заедништво и солидарност бидејќи веруваме во управување со вредности, а не управување водено со профит“,
рече Ивановска.
Ивановска ги очекува гласовите на сите граѓани кои ќе препознаат чесно управување со општината.
„Јас ги очекувам гласовите на сите оние граѓани што ќе препознаат чесно управување со општината, кои ќе препознаат во мене личност што ќе се бори за интересот на граѓаните, а не за интересот на поединци и за профитот. Мислам дека во општината има такви граѓани со отворен ум и срце и од нив ги очекувам гласовите“.
додаде Ивановска.
Според Ивановска, во општина Центар досега е направена голема штета што тешко може да поправи, но може некако да се ублажи.
„Јас нема да дозволам детални урбанистички планови што не се усогласени со генералниот урбанистички план. Тоа се незаконски, сами знаете и сведоци сте, објектите кај ’Холидеј ин’ се градат, Деталниот урбанистички план е незаконски и е во Обвинителство и сѐ уште не се постапува таму. Она што мене ми е приоритет е дека дозволите за градење и воопшто плановите треба да бидат усогласени со стандардите, значи, оној стандард 3, 30, 300 ќе се борам да се воведе во нашата општината. Тоа значи дека секој кога ќе стане од прозор барем три дрва да види, по секој жител барем 30 квадрати да има зеленило и на 300 метри да има парк. Ние сме далеку од тоа, меѓутоа барем некако да се приближиме“,
вели Ивановска.
Ивановска додаде дека нејзината кампања ќе се фокусира на барање решенија, а не на обвинување и на лични навреди.
Од граѓанската платформа денеска рекоа дека ќе бидат отворени за сите независни групи кои ќе имаат желба да настапат на следните локални избори.

„Оваа граѓанска платформа ќе биде отворена за сите независни групи кои ќе имаат желба да настапат на следните локални избори. Во моментот во неа се три организации и се темели на вредности кои ние сите ги застапуваме, а тоа е децентрализирана демократија и учество на граѓаните, економска, социјална и еколошка одржливост, потоа правда, правичност и антикорупција, и секако, човекови вредности и достоинство за живење. ’Шанса за Центар’ е дел од оваа граѓанска платформа и ние веќе сме искусни во работењето на локално ниво, искусни во Советот на Општина Центар и со нашето долгогодишно делување сме докажале дека неуморно се залагаме за вредностите за квалитетен живот за секој граѓанин во општината“,
рече Јана Белчева.