Како што информираат од ЦУК, денеска под контрола се пожарите во близина на село Радуша кон село Дворце, во Арачиново, како и пожарот кај демирхисарското село Мало Илино

Вкупно 25 пожари на отворено се евидентирани до 7 часот утрово, од кои два сè уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според податоците, три пожари се ставени под контрола, додека 20 се целосно изгаснати.
И денеска е активен пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“, каде што гори мешана шума. Поради овој пожар, регионалниот пат од Македонски Брод за Скопје е затворен за секаков вид возила. Пожарот во „Јасен“, како што вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, е на исклучително тежок терен, каде од пламените се прават високи витли и затоа е екстремно ризично пешадиски да се гаси. Кога се фрла вода одозгора, пак, Ангелов вели дека таа не може да падне до земјата од боровите крошни или испарува пред да падне поради високата температура.
Освен овој пожар, утринава сè уште е активен и оној во близина на струшкото село Октиси кај местото викано Октишка краста, каде што гори ниска вегетација. Овој пожар е активен од вчера, а на него интервенираше и „ертрактор“ на ДЗС.
Како што информираат од ЦУК, денеска под контрола се пожарите во близина на село Радуша кон село Дворце, во Арачиново, како и пожарот кај демирхисарското село Мало Илино.
Од ЦУК велат дека се изгаснати 20 пожари во различни општини низ земјава, вклучувајќи ги Кичево, Македонски Брод, Крива Паланка, Струга, Тетово, Брвеница, Гостивар, Могила, Битола, Делчево, Липково, Илинден и Шуто Оризари. Повеќето од овие пожари имаа зафатено ниска вегетација, но гореа и нискостеблеста шума, депонии и ѓубре.