„Соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за Европска Македонија“, порачува лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во колумна за „360 степени“ во пресрет на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор

пишува: Али Ахмети, претседател на ДУИ
По повод 24-годишнината на Охридскиот мировен договор со кој почнавме заеднички да ја градиме унитарна и еднаква Македонија, решив да им се обратам на моите сограѓани Македонци, на македонски јазик.
Во средношколските години барав права за мојот народ и бев прогонет, бев принуден да го напуштам моето родно место и над 20 години да работам во туѓина.
Мене и на моите сонародници ни се спореа јазикот, знамето, правото на еднаквост, правото на постоење со логиката „Македонија на Македонците”.
Тогаш и денес, јас друга држава немам. Јас резервна татковина немам. Мојот прадедо и дедо, моите татко и мајка, почиваат во Зајаз, Кичевско.
Наспроти сите напади, сета пропаганда во минатите 24 години со којашто бевте соочени, сакам да упатам јасна и недвосмислена изјава дека јас и Албанците, вчера, денес и утре се залагаме за унитарна, заедничка и еднаква Македонија, ниту повторно моја ниту повторно твоја, туку секогаш наша Македонија.
Наспроти тоа што ова го знаат и Црвенковски и Груевски, и Заев и Мицкоски, а го знаеја и нивните претходници, во нашите млади години, сите ние што се осмелувавме да се залагаме за еднаквост нè гонеа за сепаратизам, национализам, шовинизам, а денес истиот пристап софистицирано се повторува со прогон и оцрнување за наводна корупција и криминал од истата доктрина и истите заробени умови кои ги карактеризираат граѓаните во граѓани од прв, втор, трет ред и сметаат дека државата им припаѓа само ним.
Намерно и лажно се сееше и се сее лажен страв кон граѓаните за непостоечки непријатели кај Албанците од страна на политичките елити за да се владее злоупотребувајќи ги наметнатите стравови, а не залагајќи се за заедничка иднина.
Со Охридскиот мировен договор си подадовме рака, си дадовме збор и беса едни на други, дека ќе изградиме заедничка, еднаква и евроатлантска татковина.
Не беше и не е лесно, имаше отпор, одбивање, претежно од погрешно наметнато разбирање дека некој добива, друг губи, и тоа од одредени политички елити коишто размислуваа за следните избори, а не за следните генерации.
Јас припаѓам на тие што работат за следните генерации. Премиери и академици ми нудеа да ја поделиме Македонија, не прифатив.
Ме оцрнуваа од тоа дека сум бил соработник на српските служби со фалсификувани досиеја, па сè до наводно корумпиран, но граѓаните секогаш се определуваа да нè поддржат нас.
Низ овие 24 години јас и моите соработници се залагавме за да го спроведеме Охридскиот договор, да ја интегрираме земјата во НАТО и ЕУ, да изградиме автопатишта, универзитети, болници, градинки, школи, институции, да преземеме одговорност за заедничката држава и да покажеме дека од еднаквоста најголеми придобивки имаат граѓаните и земјата.
Се покажа и докажа дека кога државата е лојална кон своите граѓани, и граѓаните се лојални кон својата држава.
Свесен сум дека овие политики не се популарни, но се државотворни. Овие залагања можеби не носат загарантирана победа на избори, но обезбедуваат иднина за сите.
Ретки се лидерите во нашето општество што му одолеваат на искушението да зајаваат на бранот на национализмот и популизмот за пирова краткотрајна победа со далекусежни негативни последици за државата и општеството.
За жал, сведоци сме дека можело да се враќаме назад. Сведоци сме дека можело да се заборави минатото и да се повторуваат грешките во сегашноста коишто ќе нè чинат во иднината, и тоа од површни пориви.
На оваа 24-годишнина, соочен повторно со кампањи за оцрнување и намерно и тенденциозно негативно претставување пред Македонецот, решив да се обратам директно, искрено и да подадам рака до македонскиот народ, за заедништво, во одбрана на македонскиот и албанскиот јазик, во одбрана на идентитетот, на нашите посебности, еден за друг, заедно за Европска Македонија.
Албанецот никогаш не ги спорел македонскиот јазик и идентитет, историјата и културата, верата и државата Република Северна Македонија.
Барам и очекувам и Македонецот да ги почитува засебностите на мојот народ и да разбере конечно и без предрасуди дека од еднаквоста не губи ништо, напротив, добива многу.
Велеа дека Охридскиот договор ќе ја уништи Македонија, дека правата на Албанците ќе ја федерализираат земјата, дека ќе се казнуваат Македонците кои не говорат албански, дека двојазичноста е крај за земјата, дека со Албанец премиер или спикер ќе ја снема Македонија, дека со Коридорот 8 се гради голема Албанија, дека Македонците се малцинство во Владата.
Денес, 24 години по Охридскиот договор, очигледно дека сета таа горенаведена пропаганда е поразена, Македонија постои, членка е на НАТО и е определена за европска иднина за којашто треба да продолжиме да работиме заедно.
Затоа, почитувани сограѓани, само заедно, со заемно почитување, без предрасуди и со искрено залагање еден за друг може да изградиме праведно и еднакво општество коешто ќе се залага за европски вредности во европски интегрирана земја и регион.