Ја распоредувам Националната гарда за да помогне во повторно воспоставување на законот, редот и јавната безбедност во Вашингтон. Нашиот главен град е преземен од насилни банди, крволочни криминалци и бездомници и нема да дозволиме да продолжи тоа. Ќе си го вратиме главниот град, вели Трамп
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека распоредува 800 припадници на Националната гарда во главниот град и дека ја става полицијата на Вашингтон под федерална контрола. Целта, како што рече тој на денешната прес-конференција, е борба против „бранот на беззаконие“.
„Ја распоредувам Националната гарда за да помогне во повторно воспоставување на законот, редот и јавната безбедност во Вашингтон. Нашиот главен град е преземен од насилни банди, крволочни криминалци и бездомници и нема да дозволиме да продолжи тоа. Ќе си го вратиме главниот град“,
рече Трамп.
Трамп одлуката ја најави како историска за спас на главниот град, а за време на обраќањето беше опкружен со претставници на администрацијата, вклучувајќи го министерот за одбрана Пит Хегсет и главната обвинителка Пам Бонди.
Тој ги отфрли критиките дека создава криза за да го оправда проширувањето на претседателските овластувања.

Градоначалничка на Вашингтон, Муриел Баузер, од Демократката партија, ги отфрли тврдењата на Трамп велејќи дека градот „не доживува пораст на криминалот“ и нагласувајќи дека насилниот криминал минатата година бил на најниско ниво во повеќе од три децении.
Насилниот криминал се намалил за 26% во првите седум месеци од 2025 година, откако во 2024 година опаднал за 35%, а вкупниот криминал се намалил за 7%, според податоците на градската полиција, пренесува Ројтерс.
Распоредувањето на Националната гарда е тактика што републиканскиот претседател ја користеше во Лос Анџелес, каде во јуни испрати 5 000 војници како одговор на протестите поради имиграциските рации на неговата администрација.
За време на својот прв мандат, Трамп ја испрати Националната гарда во Вашингтон во 2020 година за да помогне во задушувањето на демонстрациите за време на националните протести против полициската бруталност, по убиството на Џорџ Флојд.
