Заклучокот се однесува на 2024 година, а е резултат на истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) – невладина организација специјализирана за следење на јавните набавки
Концентрацијата на одредени фирми во тендерите на некои општина понекогаш е последица на реални состојби на пазарот, а во други упатува на нелојална доминација на одредени фирми, наведуваат оттаму
Истражувањето на ЦКГ покажа и дека лани општините потрошиле рекордни 190 милиони евра за јавни набавки

Дали општините имаат фаворити меѓу фирмите кога ги трошат парите на граѓаните преку јавни набавки или водат сметка да има фер натпревар за да се обезбеди највисока вредност за потрошен денар? Невладината организација „Центар за граѓански комуникации“ си го поставува ова прашање секоја година, анализира огромен број податоци и потоа доаѓа до одговорот.
Основниот заклучок за 2024 година е дека во 13 општини, најмалку 50 отсто од парите потрошени на тендери за таа година завршиле кај една фирма. Ако критериумот малку се спушти, на потрошена една третина од вкупната вредност на набавките кај само една фирма, тогаш листата општини кои го исполнуваат условот се искачува на 40, или половина од локалните самоуправи во земјава.
„Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување“,
велат од ЦГК.
Локалните самоуправи кај кои една фирма има добиено половина или повеќе од вкупното „купче“ потрошено за јавни набавки на општината за 2024 година се: Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.
Нив ги раководат градоначалници од различни политички провиниенции.
Една третина или повеќе од парите потрошени на јавни набавки на годишно ниво, на една фирма ги довериле во Виница, Ресен, Сарај, Студеничани и уште дваесетина други.
Прашања
Извештајот на Центарот за граѓански комуникации беше повод да се обратиме во неколку од општините каде што речиси сите пари за тендери си ги потрошиле кај една фирма. Во Општина Желино, на пример, 2024 година поминала со 14 јавни набавки, од кои 5 ги добила „Амазон проект“ од Тетово. Вкупната вредност на тие договори е околу 1 135 000 евра.
Според истражувањето на ЦГК, тоа значи дека 70 отсто од парите за јавни набавки во Желино за 2024 година се слеале кај тетовската фирма. Тоа е и рекорд за најголема концентрација на тендери кај една фирма меѓу општините.

Но, во локалната самоуправа сметаат дека со самото тоа што сите постапки биле објавени на Единствениот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН), законот е запазен, а процесот бил транспарентен и достапен за сите економски оператори.
„Условите и критериумите за учество биле јавно објавени, без ограничувања кои би фаворизирале одредена фирма. Фирмата која ги добила одредените договори била избрана како најповолен понудувач согласно критериумите утврдени во тендерската документација и во целосна согласност со законот. Стоиме на ставот дека Општината не фаворизирала ниту една компанија, туку целосно се раководела од принципите на законитост, транспарентност и економичност при спроведувањето на јавните набавки“,
велат од Општина Желино.
Крушево е седмо на листата. Таму лани од 28 тендери најмногу пари со само 4 набавки за градежни работи отишле кај фирмата „Микро фикс“. Иако се работи за околу 450 илјади евра, во Крушево тие значат 59,4% од вкупната вредност на јавните набавки.

Но, од Општината велат дека не ги доделуваат набавките по свое убедување, туку дека го избрале тој што дал најниска понуда.
„При изработката на тендерската документација комисијата за јавни набавки се води од начелото на еднаков третман и недискриминација на економските оператори како и соодветна конкуренција помеѓу понудувачите со што при поднесувањето на понудите секогаш имаме добиено повеќе од 4 понуди, а некогаш и повеќе што јасно укажува дека начелото на конкуренција е запазено, а и условите кои се утврдуваат се врз основа на претходна анализа на пазарот како би имало што поголема конкуренција помеѓу економските оператори, така што, Општина Крушево за секоја постапка за јавна набавка стимулира поголема конкуренција со што би се добила најдобрата понуда за вредноста која е предвидена за конкретната јавна набавка“,
велат оттаму.
Слична сума, во Ресен отишла кај фирмата „Маркоски К 73“ од Струга. Реконструирале улици.
Прашавме и во Ресен – зошто доминира една фирма и дали воделе сметка за конкуренцијата? Од Општината ни потврдија дека ги добиле прашањата, но не одговорија.

Кај некои општини, сепак, иако поголем дел од парите им завршиле кај една фирма, не може да се постави истото прашање за концентрација како кај погореспоменатите. На пример. во Дојран, иако најмногу пари отишле кај фирмата ЕХИ ДОО, тоа се случило преку само еден тендер со висока вредност од 1 435 000 евра за изградба на пречистителна станица. Слично е и во Бутел, со реконструкција на детска градинка. И во Струмица, со изградба на градски пазар.
Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки
Истражувањето на ЦКГ покажа и дека лани општините потрошиле рекордни 190 милиони за јавни набавки.
Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, додека Град Скопје за првпат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.

Генерално, на територијата на цела држава, општините склучиле договори за јавни набавки со 1 210 различни фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.

Најголема вредност на потрошени пари преку јавни набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.
Кога се во прашање апсолутните бројки, најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година споредено со минатата година, има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Кисела Вода со 4,9 милиони евра.

Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш – со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.

Вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје.
„Во 2024 година Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 58 милиони евра, што е за 5 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %“,
се вели во Истражувањето.
Истражувањето сумира дека на јавни набавки просечно се потрошени 28 % од буџетите на општините.
Податоците за јавните набавки на општините произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2024 година изработена од Центарот за граѓански комуникации.
„Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други – да упатува на нелојална доминација на одредени фирми“,
велат од ЦГК.