„Разговаравме и за нашата билатерална одбранбена соработка со САД. Нацрт-договорот за беспилотни летала веќе е подготвен од украинска страна, подготвени сме детално да го разгледаме и да го склучиме“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи
Овој разговор доаѓа неколку дена пред истекот на рокот што Трамп му го даде на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на социјалните прежи соопшти дека имал продуктивен разговор со својот американски колега Доналд Трамп за завршување на војната, санкции против Русија и финализирање на договорот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Украина за беспилотни летала.
„Денеска ги координиравме нашите ставови – Украина и Соединетите Американски Држави. Разменивме проценки за ситуацијата: Русите ја интензивираа бруталноста на нивните напади. Претседателот Трамп е целосно информиран за руските напади врз Киев и други градови“,
напиша Зеленски на Фејсбук.
Зеленски вели дека со Трамп разговарале и за иницијативата координирана од НАТО за помагање на украинската одбрана.
„Холандија, Шведска, Норвешка и Данска веќе се обврзаа – над една милијарда долари за американско оружје што Украина ќе го добие. Ви благодариме! Оваа соработка со земјите од НАТО ќе продолжи. Разговаравме и за нашата билатерална одбранбена соработка со САД. Нацрт-договорот за беспилотни летала веќе е подготвен од украинска страна, подготвени сме детално да го разгледаме и да го склучиме“,
вели Зеленски.
Доналд Трамп, пак, кој во последните недели упатува остри пораки кон рускиот претседател Владимир Путин, му даде рок до 8 август да се согласи на прекин на огнот со Украина или ќе се соочи со построги санкции.
Украина сè повеќе бара финансирање и инвестиции од своите странски партнери за да ја зајакне својата растечка одбранбена индустрија.
Шведска, Норвешка, Данска и Холандија веќе објавија дека ќе придонесат со речиси една милијарда евра во иницијативата предводена од НАТО за снабдување на Украина со американско оружје.
Трамп минатиот месец изјави дека САД ќе ѝ го испорачаат оружјето на Украина, а европските сојузници ќе платат за него.