Порано, кога на власт беше ДУИ, ваквите случаи се прикриваа и игнорираа, тврди владејачката ВЛЕН
Настанот во Куманово беше сериозен инцидент кој ја вознемири целата јавност и кој ние го осудивме, кажа во денешната изјава за медиумите портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани. Прес-конференцијата, сепак, не беше наменета директно за настанот, туку за реакциите од опозициската ДУИ.

За разлика од времето кога ДУИ беше дел од власта и ваквите случаи се прикриваа и игнорираа, денес државата реагира брзо, решително и транспарентно. Јавното обвинителство веќе отвори случај, а Министерството за внатрешни работи води истрага и веќе ги повикува осомничените. Ова е доказ дека денес институциите функционираат. Денес државата не се крие, не се обидува да го релативизира проблемот и не штити никого.
изјави Дритон Сулејмани.
Според Сулејмани, ваквите случаи во времето на ДУИ биле прикривани. И не само вакви, туку според портпаролот на владејачки ВЛЕН, и многу потешки случаи, за кои на крај немало одговорност.
• „Монструм“, каде Албанци беа обвинети како терористи без докази;
• „Диво Насеље“, каде 10 Албанци беа убиени во сомнителна полициска акција;
• Случајот „Алфа“, монтиран процес со неправедни пресуди;
• Убиството на Харун Алиу, поранешен борец на ОНА, под неразјаснети околности;
• „Скопје 2014“ – проект без ниту еден албански елемент во срцето на главниот град;
• Споменикот на Цар Душан во центарот на Скопје;
• „27 април“, кога албанските пратеници беа тепани во Собранието, без вистинска политичка реакција;
• Модуларната болница во Тетово, каде загинаа невини граѓани – без оставки и одговорност;
• „Дурмо турс“ и „Беса транс“, каде загинаа десетици и десетици Албанци, а ДУИ молчеше и никој не одговараше.
Па, според владејачки ВЛЕН:
„ДУИ денес зборува за патриотизам и достоинство, но ја заборава својата темна историја на молк, сервилност и прикривање на трагедии. Нашата порака е јасна: Денес државата не молчи. Денес има реакција, истрага и одговорност. ДУИ треба да престане со празни зборови и да се соочи со вистината за својата дведецениска историја на политички срам“,
изјави Сулејмани.
Националистичкото антиалбанско скандирање се случи завчера, на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија. На натпреварот беше присутен и премиерот Христијан Мицкоски, кој го осуди скандирањето денеска. Кажа дека не го чул за време на натпреварот, бидејќи станувало збор за мала група луѓе.
Гласна во реакциите уште вчера беше опозициската ДУИ. Бујар Османи го оцени скандалот како настан кој не е изолиран случај, туку како уште еден во низата преку кои власта поттикнува или нормализира антиалбанска реторика. Османи имаше предвид дека скандирањата со пораки како „смрт за Шиптари“, „гасни комори“, „за чиста Македонија“ се случија пред бројната владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Партијата, дополнително, побара оставки од заменик-министрите за внатрешни работи и за спорт, инаку од редовите на ВЛЕН, бидејќи пропуштиле да реагираат.