Тие ја посетија и улицата „Жан Кофол“, именувана во 2021 година по словенечкиот пожарникар што учествуваше во гаснењето на пожарите во Берово, а кој подоцна загина во сообраќајна несреќа во Словенија
Завршна средба на македонските и словенечките пожарникари се одржа денеска на градскиот стадион во Берово по повод успешно завршената интервенција во гаснењето на пожарот на планината Готен.

Претставникот на словенечките пожарникари, Роберт Шкрл изрази надеж дека со својата мисија помогнале успешно да биде завршена интервенцијата на пожарот на планината Готен од беровска страна.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, пак, упати благодарност до сите што учествуваа во гаснењето на пожарот, особено до словенечките пожарникари.
Во рамки на посетата, пожарникарите ја посетија улицата „Жан Кофол“, именувана во 2021 година по словенечкиот пожарникар што учествуваше во гаснењето на пожарите во Берово, а кој подоцна загина во сообраќајна несреќа во Словенија.
Словенечките пожарникари дојдоа во земјава да помогнат во гаснењето на пожарите откако беше активирано барањето за меѓународна помош.
Според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот на планината Готен од беровска страна е под контрола.