Џејмс Матис, кој си поднесе оставка од функцијата во 2018 година, го обвини Трамп дека сака да ја подели земјата
Поранешниот американски министер за одбрана Џејмс Матис го обвини актуелниот претседател Доналд Трамп дека се обидува да ги подели САД и остро ја осуди можноста за употреба на војската како одговор на граѓанските немири.
„Доналд Трамп е првиот претседател во мојот живот кој не се обидува да ги обедини американските граѓани, тој дури и не се обидува да одглуми. Напротив, тој се обидува да нѐ раздели. Сведоци сме на последиците од неговите тригодишни напори да го направи тоа“,
изјави Матис за американскиот магазин „Атлантик“.
Матис, кој во 2018 година поднесе оставка, ја спореди политиката на Трамп со онаа од Втората светска војна и борбата против нацистичка Германија, во стилот на раздели па владеј.

Тој го критикуваше американското воено раководство за присуството на фотосесијата со Трамп, откако полицијата и припадниците на Националната гарда ги растераа мирните демонстранти во близина на Белата куќа.
Марк Еспер, актуелниот секретар за одбрана и Марк Мајли, претседавачот со Генералштабот на американската армија, се изложени на силни критики поради користењето на зборот „бојно поле“ за опис на состојбата во градовите во САД во кои има протести.
Говорејќи за заканите на Трамп за распоредување воени сили, Матис рече дека тоа ќе создаде лажен конфликт меѓу војската и граѓанското општество.
Портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекена, ставовите на Матиц ги нарече „систем на самопромовирање за смирување на елитата во Вашингтон“.
Трамп на Твитер напиша дека му било чест да го отпушти Матис, нарекувајќи го „најпреценетиот генерал во светот“.
„Ја побарав негова оставка и се чувствував одлично заради тоа. Неговиот прекар беше ‘Хаос’, што не ми се допадна и го сменив во ‘Бесното Куче’. Ми беше мило што си замина“,
напиша Трамп на Твитер.
Трамп пред два дена порача дека ако сојузните држави и градовите не се способни да ја смират ситуацијата кај себе, тој може да нареди војската и Националната гарда да го направат тоа. Во меѓувреме, по критиките дури и од неговите најблиски соработници, тој ретерираше во изјавата велејќи дека не верува дека ќе биде потребно американските трупи да се вклучат во протестите.
Веќе деветти ден низ Соединетите држави се одржуваат масовни протести поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, по полициското апсење во Минеаполис минатиот понеделник, што е оквалификувано како полициска бруталност со расистичка заднина.
Во САД никогаш досега, освен за време на Граѓанската војна во 19 век, армијата не била ангажирана против американски граѓани.