Во сите општини каде што раководи СДСМ е започната инструментализирана кампања за притисок од сите можни институции, обвинува СДСМ
МВР им поднесе кривични пријави на градоначалникот на Крива Паланка и на уште двајца вработени во општината за наводна злоупотреба на службената положба
ВМРО-ДПМНЕ започна со режимските практики пред избори, реагира СДСМ, откако градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, доби кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Опозицијата вели дека пријавата е црна кампања на власта против успешните градоначалници од редовите на СДСМ.
„Но, ова не е изолиран случај. Во сите општини каде што раководи СДСМ, започната е инструментализирана кампања за притисок од сите можни институции. Се вршат инспекции и се измислуваат прекршоци, а во други општини, каде што раководат ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, ништо не се проверува“,
кажа на денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Димитријевиќ обвини дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го злоупотребува ресорот за партиски цели.
„Додека Тошковски срамно го брани криминалот на Висар Ганиу, на оние кои чесно работат им измислува кривични пријави, за да врши терор и заплашување“,
кажа тој.
Претходно денеска МВР соопшти дека Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривична пријава против тројца вработени во Општина Крива Паланка – административен службеник, раководителка на одделение за урбанизам и против градоначалникот поради сомневање дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според полицијата, административниот службеник во општината донел решение за промена на инвеститор спротивно на Законот за градење, иако дозволата за градба што ја поседувал првичниот инвеститор веќе била со истечен рок.
Понатаму, раководителка на одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина не извршила соодветен надзор врз процесот, туку го потпишала и одобрила решението како валидно, со што, според МВР, му овозможила на лице од Крива Паланка да продолжи со изградба на куќа со деловен простор, без соодветно одобрение.
Градоначалникот, пак, според пријавата, не спровел надзор врз легитимноста на документот и со свој потпис, факсимил и општински печат го одобрил решението како важечко.
Митовски повторно е кандидат за градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСМ.