Директивата за биолошки агенси предвидува четири степени на опасност. Категоријата три е дефинирана како агенс кој може да предизвика сериозна болест кај човекот и претставува сериозна опасност за работниците
Европската комисија денеска соопшти дека врз основа на научно-експертски мислења ја ревидира директивата на ЕУ за биолошки агенси за да го додаде ковид-19 како закана од трет степен, додека социјалдемократите во Европскиот парламент најавуваат блокада на одлуката, јавува МИА од Брисел.
Ревидираната директива на ЕУ за биолошки агенси ги вклучува ризиците што ги претставува новиот коронавирус за работниците, посебно здравствените работници и оние кои се во директен контакт со вирусот. Целта на оваа ревизија е да се помогне враќањето на работниците на своите работни места на безбеден начин, вели Европската комисија, а амандманите се донесени по консултација со научници од земјите членки на ЕУ и со Европскиот центар за спречување и контрола на болести.
Социјалдемократската група во Европскиот парламент веднаш реагираше посочувајќи дека оваа одлука е претставува „шлаканица“ за работниците кои секојдневно се соочуваат со вирусот. Групата најави дека од денеска активно ќе работи на создавање мнозинство во Европскиот парламент за да се отфрли предлогот на Европската Комисија.
Според европратеничката Агнес Јонгериус, одлуката да се класифицира ковид-19 како средна закана е неприфатлива и овој вирус мора да се внесе во највисоката категорија на опасни биолошки агенси, категоријата четири, сѐ додека не биде пронајдена вакцина или третман.
„Одлуката на ЕК илустрира повторно дека процедурите содржани во Директивата за биолошки агенси не се ниту демократски, ниту транспарентни, ниту се способни да се справат со предизвиците од пандемијата“,
рече Јонгериус.
Таа смета дека е “неприфатливо“ што не се јавно достапни мислењата и аргументите на консултираните експерти и потсетува дека ниту Европскиот парламент ниту социјалните партнери, односно синдикатите, не беа вклучени во процесот на ревизија на директивата.
Директивата за биолошки агенси предвидува четири степени на опасност. Категоријата три е дефинирана како агенс кој може да предизвика сериозна болест кај човекот и претставува сериозна опасност за работниците, тој може да претставува ризик од ширење во заедницата, но обично постои ефективна превенција или третман. Додека пак категоријата четири, со истата дефиниција за болеста, јасно на крајот гласи дека не е достапна ефикасна превенција или третман, што е случај со ковид-19 за сега.
Комисијата за труд на Европскиот парламент ќе гласа за директивата на 11 јуни, а подоцна во текот на месецот ќе се гласа на пленарна седница.