Првичните анализи кои се прават низ ЕУ покажале дека голем број на производи кои се продаваат преку онлајн платформите не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност. Најдени се и токсини и забранети супстанци во производи за деца и козметика
Една од мерките кои ЕУ ги разгледува е да го укине даночното ослободување за увоз на пратки под 150 евра и да се воведе надокнада за справување со пратки, која би можела да го намали бројот на нарачки од мала вредност и да придонесе кон покривање на се поголемите трошоци за истраги на царинските служби
„Тему“ е присутна во Македонија од крајот на минатата година
Комесарот за правда и потрошувачи на ЕУ изјави дека е шокиран од токсичноста и опасноста на некои од производите што ги продаваат кинеските онлајн платформи Шејн и Тему. Мајкл Мекграт не застана само на својот личен впечаток, туку даде ветување дека ќе ја потисне продажбата на стоки кои не ги исполнуваат законските норми. Ги чека само официјалните резултати од операцијата спроведена низ цела ЕУ преку т.н. „тајни купувачи“.

„Шокиран сум. И мислам дека имаме обврска да ги заштитиме европските потрошувачи“,
изјавил Мекграт за „Гардијан“.
Меѓу најлошите примери кои ги споменува комесарот се:
- детски кабаници со токсични хемикалии;
- наочари без УВ заштита;
- детски бермуди со предолги врвки кои можат да доведат до сопнување;
- козметика која содржи супстанци забранети од ЕУ, поради загриженост дека предизвикуваат стерилитет или влијаат на развојот на фетусот.
Но, освен за квалитет на производите, комесарот е загрижен дека кинеските платформи им штетат на локалните бизниси преку нелојална конкуренција.
„Растот (на кинеските платформи н.з.) е неверојатен и создава огромен притисок на системите на ниво на земјите-членки. Решителен сум во определбата да ја засилиме примената на нашите закони за безбедност и за заштита на потрошувачите. Не станува збор само за заштита на потрошувачите. Има сериозен проблем и со еднаквоста на правилата за игра за европските бизниси, бидејќи сега се очекува од нив да се натпреваруваат со продавачи кои не ги почитуваат нашите правила“,
изјави Мекграт за „Гардијан“.
Статистиките на Европската Унија покажуваат дека секојдневно се увезуваат околу 12 милиони мали пратки. Во 2024 година Брисел избројал 4,6 милијарди нарачки под 150 евра, што е двојно повеќе од 2023-тата и три пати повеќе од 2022-та.
Една од мерките кои ЕУ ги разгледува е да го укине даночното ослободување за увоз на пратки под 150 евра и да се воведе надокнада која можеби ќе го намали бројот на нарачки од мала вредност и ќе придонесе кон покривање на се поголемите трошоци за истраги на царинските служби.