Од 22 часот синоќа до 2:30 часот утрово, СВР Штип направил контрола на три угостителски објекти во Виница, соопшти МВР. Во акциските проверки учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот трудов инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување.
Притоа детално се контролирани три угостителски објекти, при што едно лице е лишено од слобода по член 215 од КЗ на РСМ (трговија со дрога), а од страна на УЈП е констатиран прекршок по чл. 5 ст. 10 од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Покрај ова, во еден од објектите констатирано е присуство на четири малолетни лица за кои постојат основи на сомнение дека се послужени со алкохолни пијалаци, а по добиените резултати од вештачењето ќе биде покрената и соодветна постапка.
соопштија од МВР.

Малолетниците веднаш биле повикани во полициската станица во Виница и во присуство на нивните родители е извршен разговор, во врска со кривичното дело – точење алкохолни пијалаци на дете. Пазарниот инспекторат заклучил и дека се користела јавна површина без одобрение, а Трудовиот инспекторат открил ангажирани лица без доказ за вработување.
Меѓу затекнатите работно ангажирани лица, во еден од објектите затекнато е и малолетно лице, за кое исто така не е приложен доказ за засновање работен однос. Инаку, за активностите е известен и дежурен ЈО при ОЈО Кочани.
соопштија од МВР.
Слична контрола како во Виница спроведе и скопската полиција на подрачјето на Центар. И тие најдоа малолетници во угостителски објекти, а уапсени се и лица за кривични дела поврзани со трговија на дрога и тешка кражба.