Нино Васев и Нехад Нухи се обвинети за злоупотреба на службената положба, а Васев дополнително и за проневера во службата. Им се става на товар дека преку измама незаконски набавувале лекови кои ги прикривале преку фиктивни тендери, а присвојувале и дел од терапијата за болните од рак
Медицинскиот директор Нино Васев веќе е обвинет и во друг предмет – за несовесно лекување пациенти
Кривичниот суд го одобри обвинението против Нино Васев, поранешен медицински директор, и Нехад Нухи, поранешен организациски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, пренесе МИА.
Се товарат за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, незаконски набавувале лекови кои ги прикривале со фиктивни тендери и притоа присвојувале дел од терапијата за болните од рак. Проценката е дека го оштетиле буџетот на државата за речиси 36 милиони евра.

Злоупотреба на службената положба
Како што пренесува МИА, во обвинителниот акт стои дека кривичното дело злоупотреба на службената положба обвинетите го сториле со кршење на Законите за здравствена заштита, за здравствено осигурување, за буџетите и за јавните набавки.

Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет-терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин,
стои во обвинителниот акт.
Проневера во службата
Нино Васев се товари за уште едно кривично дело во одобреното обвинение – проневера во службата. Според обвинението, преку постапките за набавка на лекови тој набавувал и количина на лекови која имал намера да ја присвои. Откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал. Тоа значи дека не ги давал на пациентите на чие име биле требувани. Разликата меѓу евидентираната требована и раздолжена количина е во износ од околу 32 000 евра.
Ова е констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека – „херцептин“, „авастин“, „ербитукс“, „фулвестрант“, „тразимера“, „кадцајла“, „оксалиплатин“ од 50 и 100 милиграми и „зелбораф“, со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари,
појаснуваат од Обвинителството.
Случај „Онкологија“
За Нино Васев веќе се води судски процес по друго обвинение за случајот „Онкологија“. Таму се обвинети уште тројца други лекари. Васев, заедно со уште лекарка, е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несоодветно лекување, при што кај 29 пациенти применил неподобна терапија спротивна на онколошките упатства. Дел од терапиите биле одобрени со факсимил и лозинка на втората обвинета.

Другите лекари се обвинети за несоодветно лекување бидејќи давале напредни терапии на пациенти кај кои таа не можела да има ефект. Судењето за овој предмет беше насрочено на 11 јули, но се одложи за во септември поради отсуство на обвинетата Мера Пешевска.