Пожарот, како што изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, вчера бил ставен под контрола, но вечерта повторно се разгорел
Според ДЗС, на територијата на државата до 14 часот се регистрирани повеќе пожари, од кои активни се пет, еден е под контрола, додека другите се изгаснати
Пожарот што избувна вчера попладне на територијата на општина Желино и понатаму е активен, а како што изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, има индиции дека огнот е подметнат и дека некој намерно го разгорува.

„Се надевам дека до вечерва ќе успееме да го ставиме под контрола овој тежок за гаснење пожар, којшто се одвива на непристапен терен и за кој имаме индиции дека е подметнат и дека некој намерно го разгорува цело време“,
изјави директорот на ДЗС.
Имено, како што соопшти Ангелов, пожарот вчера бил ставен под контрола, но вечерта повторно се разгорел.
Инаку, со сомневања дека стихијата е намерно предизвикана вчера излезе и градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу, но засега од надлежните институции нема официјална потрвда за ваквите наводи.
Според информациите на директорот на ДЗС, екипите кои дејствуваат кај Желино успеале да го пресечат огнот и да не дозволат тој да се прошири кон селото Еребино. Стихијата, вели Ангелов, во моментов е изолирана во повисоките делови на Желино, но пожарот и понатаму е активен.
Денеска наутро, како што информира тој, на местото дејствувале два „ертрактори“ на ДЗС, кои со интервенција ќе продолжат и во текот на денот.
„На местото се наоѓаат и екипи на тетовската противпожарна единица, два ‘пинцгауери’ на ДЗС и еден воден топ кој се наоѓа на местото превентивно доколку треба да се сече линијата на овој пожар на пристапен терен. Исто така, на местото се наоѓа и еден ‘хермелин’ со цистрена од шест тона, како и повеќе возила на противпожарните единици“,
рече Ангелов.

Како втор пожар кој им задава поголеми маки на противпожарните екипи, директорот на ДЗС го посочи оној во атарот на селото Нивичино во општина Василево, кој е на тешко пристапен, а во делови и на непристапен терен.
Во неговото гаснење учествуваат поголем број екипи на Јавното претпријатие „Национални шуми“, локални пожарникари, а поддршка имаат и од 30 припадници на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ).
„Рано утрово таму дејствуваше еден армиски хеликоптер кој своето дејство ќе го продолжи во попладневните часови откако температурата на воздухот ќе овозможи дејство на овој хеликоптер“,
додава Ангелов.
Инаку, покрај овие два, на територијата на државата, според информациите од ДЗС, има уште три активни пожари или вкупно пет.
Сериозен пожар има во околината Прилеп, на кој, како што вели Ангелов, во моментот се работи, а активна е и стихијата кај селото Џидимирци во општина Велес, каде гори неколку дена и каде интервенираат екипи на велешката територијална противпожарна едница со поддршка на „Национални шуми“ и дополнителни ресурси. Исто така, активен е и пожарот на територијата на Македонски Брод во околината на селата Крапа и Лавица.
Според ДЗС, на територијата на државата до 14 часот се регистрирани повеќе пожари. Активни се горенаведените пет, еден е под контрола, додека другите се изгаснати.
Инаку, како што информира Ангелов, еден од полициските хеликоптери кој утрово требало да дејствува на еден од пожарите бил пренасочен на планината Пелистер за акцијата за извлекување на повредениот планинар.