Според коалицијата која е дел од власта, со распишувањето на јавната набавка за подготвителната фаза на финалниот проект, тој влегува во финална фаза, што е доказ дека ВЛЕН по само една година во Владата почнала да го реализира она што со децении било само ветувано
Од ДУИ, пак, реагираа дека распишувањето на тендерот е добро познато политичко сценарио за намерно одложување и блокирање на проекти што се иницирани од нив и кои се директно поврзани со стратешкиот интерес на земјата
Изградбата на автопатот Скопје – Блаце денеска повторно беше повод за конфронтација и меѓусебни обвинувања на партиите на Албанците од власта и од опозицијата. Повод беше соопштението од коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта, од каде што рекоа дека еден од најдолгоочекуваните патишта што го поврзува Скопје со граничниот премин и кој е од особена важност за Албанците во земјава влегува во својата последна фаза.

„Јавното претпријатие ‘Државни патишта’ отвори процедура за јавна набавка за подготвителната фаза на финалниот проект за изградба на овој пат, конкретен чекор што ја запечатува нашата волја да го претвориме во реалност она што остана само ветување со децении. Наместо фасада и пропаганда, денес имаме акција, решителност и резултати. Само една година по влегувањето во Владата, ВЛЕН произведува решенија, а не алиби. Развој, а не политичко шоу. Со години, проектот Скопје – Блаце се користеше како изборна алатка, беше претерано користен за политички маркетинг, но денес ситуацијата се промени. Со ВЛЕН во Владата проектите повеќе не се забораваат, тие одат напред“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.
Оттаму додадоа дека ова е само почеток на нова ера на одговорност и конкретна работа на инфраструктурата во земјава, важна за Албанците што живеат во неа
На наводите на ВЛЕН веднаш реагираа од опозициската Демократска унија за интеграција. Оттаму, пак, изразија, како што велат, длабока загриженост за систематската саботажа на проектот за автопатот Скопјe – Блаце, стратешка врска за целиот регион и нашето партнерство со Република Косово.
Според ДУИ, ова е добро познато политичко сценарио за намерно одложување и блокирање на проекти што се иницирани од нив и кои се директно поврзани со стратешкиот интерес на земјата.
„Иако повеќе од два километри беа успешно завршени за време на претходната, оваа влада продолжува да одбива да ги отвори за јавна употреба, првично ветувајќи ‘технички преглед’, а сега прогласувајќи почеток на ‘нова постапка за јавна набавка’. Ова е добро познато политичко сценарио за намерно одложување и блокирање на проекти што ги иницираше ДУИ и кои се директно поврзани со стратешкиот интерес на земјата. Целта е јасна и читлива: секоја голема инвестиција што ја планира и лансира ДУИ мора да биде запрена, поништена, заборавена. Ова е логиката што ја води оваа влада без етнички легитимитет, која функционира под туторство на интереси што сакаат да ја поткопаат институционалната улога на Албанците во државата“,
се вели во реакцијата од ДУИ.
Според нив, загрижувачка е улогата на ВЛЕН, која, како што велат, наместо да ги претставува интересите на Албанците, станала спроведувач на политичката агенда на ВМРО-ДПМНЕ, поддржувајќи ја секоја одлука што оди на штета на националните и развојните проекти.
Од ДУИ додаваат дека по локалните избори во октомври ќе се потврди кој е водечка сила во албанскиот блок, по што сите проекти иницирани од нивна страна ќе бидат завршени.

Од Јавното претпријатие за државни патишта пред еден месец информираа дека автопатот од 10 километри ќе се гради според првичниот проект, со евентуални измени, и дека проектот би можел да чини и до 260 милиони евра.