Според ставот на владејачката партија, социјалдемократите и нивниот претседател Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со истакнат минат труд, па затоа морале да ја кандидираат Каја Шукова, која, велат оттаму, е дел од кадрите на екслидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев
Откако опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) завчера обзнани дека нивен кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде потпретседателката на партијата Каја Шукова, владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку серија соопштенија и прес-конференции излезе со прогнози за исходот од „битката“ за главниот град на претстојните локални избори во октомври.

„СДС ги очекува невиден дебакл во Скопје. Изборите ќе ги изгубат во октомври, како што 1 + 1 = 2. Дното за СДС не е допрено, допрва ќе го допрат во октомври“,
рече денеска на прес-конференција членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Според ставот на владејачката партија што го пренесе тој, социјалдемократите и нивниот претседател Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со истакнат минат труд, па затоа, како што кажа Манасиевски, морале да ја кандидираат Каја Шукова, која, додаде, е дел од кадрите на екслидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.
„Шукова, која беше државен секретар и министер за животна средина и не направи ништо позитивно, не остави ниту еден белег за државата, туку му слугуваше на Заев и неговите бизнис-интереси, не може да биде ништо друго освен кандидат за пораз“,
рече Манасиевски.
Тој додаде дека и на самата кандидатка за градоначалник на Скопје ѝ е јасно дека ќе загуби на изборите во октомври и дека ќе треба, како што кажа, да го преземе епитетот од претходниот лидер на СДСМ и експремиер Димитар Ковачевски за најслаб изборен резултат на партијата во историјата, алудирајќи притоа на исходот што социјалдемократите го имаа на минатогодишните парламентарни избори.
„Само не ѝ е јасно ниту на Шукова, ниту во СДС знаат што да прават и што да зборуваат до избори, немаат ниту план, програма не се ни мачат да прават, ќе спојат три-четири од минатите изборни циклуси, едноставно чекаат само да поминат изборите“,
додаде Манасиевски.
На крајот, како што кажа, Скопје нема потреба од егзибиции и дека победата на изборите во октомври уште во првиот круг ќе ја однесе нивниот кандидат, актуелниот градоначалник на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, за потсетување, Ѓорѓиевски беше промовиран за кандидат за градоначалник на Скопје на 6 јули, а одлуката на владејачката партија ја соопшти нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Тој рече дека изборот градоначалникот на Кисела Вода да влезе во трката за градоначалник на Скопје се темели на анкетите кои покажуваат дека Ѓорѓиевски води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ и дека како градоначалник покажал резултати.
Во реакцијата што следеше еден ден подоцна, од СДСМ го обвинија Ѓорѓиевски за лошо менаџирање на општина Кисела Вода, а го посочија и како најдиректно одговорен за хаосот во Град Скопје бидејќи, како што рекоа тогаш од опозициската партија, тој стои зад сите блокади и партиски битки од кои скопјани страдаат изминатите четири години.