Од партијата обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и партијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ пред изборите лани ветуваа вработување по заслуги, односно по мерит-систем, а со доаѓањето на власт донеле брутална и скандалозна партизација на институциите
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно ја повика власта да го поништи, како што велат од партијата, срамниот оглас за вработување во Македонската навигација (М-НАВ), повлекување на спорните решенија и оставки од сите инволвирани.

Од партијата обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и партијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, пред изборите лани ветуваа вработување по заслуги, односно по мерит-систем, а со доаѓањето на власт донеле брутална и скандалозна партизација на институциите.
„Последен е скандалот во М-НАВ – клучната институција задолжена за безбедноста во воздухопловниот сообраќај, која станува уште една партиска испостава на власта. Без било какви квалификации, мажот на директорка на Централен регистар, сопругата на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ се вдомени во М-НАВ наместо стручни, едуцирани и лиценцирани кадри. Додека млади луѓе со образование, знаење и стручност се одбиваат, партиската книшка на ВМРО-ДПМНЕ станува единствен критериум“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму наведуваат дека не станува збор само за партизација, туку конкретниот случај е закана по безбедноста на патниците и воздушниот сообраќај.
„Власта да не си игра со безбедноста на македонското небо. М-НАВ не е играчка во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, туку сервис што мора да функционира строго професионално и во служба на граѓаните. СДСМ бара итно поништување на овој срамен оглас, повлекување на сите спорни решенија и оставки од сите инволвирани“,
порачуваат од СДСМ.
За потсетување, порталот „Сакам да кажам“ (СДК.мк) завчера објави дека на огласот за вработување во Македонската навигација (М-НАВ) се избрани лица блиски до владејачката партија, како Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.
Во реакција на барањата на опозицијата, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера се осврнаа на вработувањата во М-НАВ за време на претходната власт наведувајќи дека во Навигација тогаш се вработувале лица чија единствена квалификација била што се роднини на функционери на СДСМ и на ДУИ, што потоа ги тепаат контролорите на летање, алудирајќи на инцидентот во М-НАВ што се случи на 4 јануари лани.