Затоа што еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, еве повеќе не ве повикувам да постапите. Ве виде народ, се девалвиравте бидејќи не смеете да му писнете на Висар Ганиу“, пишува градоначалничката на Скопје на нејзиниот Фејсбук профил
Градоначалничката Данела Арсовска побара од шефот на обвинителството за борба против организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази конечно да реагира и да постапи по од неа доставените докази за криминал во урбанизмот на Чаир. Придружувана од два багери, таа и нејзините соработници пред зградата на ОЈО ГОКК предупредија дека доколку нема одлучна институционална реакција, во јавноста ќе се создаде впечаток дека законот не важи за сите, а изминатите санкции за дивоградби ќе треба да се поништат.

„Во спротивно креира опасен преседан, ќе започнеме сите со капитални проекти за градење безбедни дивоградби и обезбедување гратис станови со џабе вода и џабе струја за оние на кои не им е решено станбеното прашање. И нема да смеат да ни писнат, ни да прашаат од кај се парите. Плус ќе треба да им се извинат на сите кои ги казниле, им срушиле објект или отслужуваат казна за бесправна градба“,
пишува Арсовска во нејзината објава на социјалните мрежи.
Во исто време, таа пишува и дека по барање на членови од Кабинетот на Мицкоски и бил вршен притисок преку дипломатски канали за да се замолчи јавното говорење за криминал пред избори, па затоа таа решила да престана да го повикува обвинителството на акција.
„Затоа што еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, еве повеќе не ве повикувам да постапите. Ве виде народ, се девалвиравте бидејќи не смеете да му писнете на Висар Ганиу“,
е напишано на нејзиниот Фејсбук профил.

Веќе подолг период Арсовска ги обвинува градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и вицепремиерот Изет Меџити за незаконско издавање дозволи за изградба и за легализација на стотици дивоградби. Обвинетите, Ганиу и Меџити, ги отфрлија овие наводи, тврдејќи дека зад ваквите обвинувања стои политички мотив и обид за дискредитација воoчи изборите. Конфликтот ескалира минатата недела кога еден од сопствениците на таков објект влезе во вербален судир со Арсовска а потоа и физички ја нападна градоначалничката, за што му е поднесена кривична пријава и по жалба од обвинителството Кривичниот суд му ја преиначи поблагата мерка за обезбедување со најстрогата, па тој се наоѓа во притвор.

Инаку државниот обвинител Љупчо Коцевски вчера истакна дека сите докази кој до нив ги доставува градоначалничката Арсовска се распределени кај надлежните обвинители и тие преземаат мерки за да ја утврдат нивната веродостојност по што ќе донесат адекватни јавнообвинителски одлуки.