Додека во градовите низ САД седма ноќ по ред се одржаа протести и немири, проследени со грабежи, вандализам и напади врз полицијата, претседателот Доналд Трамп ги засили повиците за поостар одговор, како што направи и претходниот ден, кога се закани дека ќе испрати војска за да воспостави ред доколку гувернерите не го сторат тоа.
„Њујорк, повикај ја Националната гарда. Тепачи и губитници те уништуваат. Дејствувајте брзо. Немојте да ја направите истата ужасна и смртоносна грешка како со старските домови“,
напиша Трамп на Твитер.
Во Њујорк во понеделникот вечерта луѓето ги искршија излозите на продавниците во близина на центарот „Рокфелер“ и влегоа во стоковната куќа „Мејси“ на Менхетен, и покрај воведувањето на првиот полициски час во градот по децении. Полицијата соопшти дека се уапсени речиси 700 лица, а неколку полицајци се повредени, објави „Гласот на Америка“.
Во Њујорк продолжува полицискиот час
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, го продолжи за цела недела полицискиот час, кој почнува во 20 часот по локално време. Полициски час е воведен и во десетици други американски градови, вклучувајќи го и главниот град Вашингтон.
„Нѐ очекуваат неколку тешки дена. Ќе се соочиме со тоа“,
рече Де Бласио и ги повика локалните лидери да реагираат.
Поради насилствата во 29 држави од САД, распоредени се повеќе од 20.000 припадници на Националната гарда. Њујорк не е меѓу тие држави. Де Бласио изјави дека не ја сака Националната гарда, а гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, изјави дека гардата нема да ја испрати доколку градоначалникот тоа не го сака.
Кандидатот за демократски претседател, Џо Бајден, во својот вчерашен говор кажа дека ќе се обиде да ги залечи расните поделби во Америка и остро го критикуваше одговорот на Трамп на протестите.
Во Минеаполис, во меѓувреме, ситуацијата е малку помирна, откако братот на Џорџ Флојд повика на мир, на истото место каде што белиот полицаец Дерек Шовин неколку минути го држеше колено врз вратот на Флојд, дури и кога Афроамериканецот кажа дека не може да дише.
Полицаецот кој клечеше врз вратот на Џорџ Флојд е обвинет за убиство. Шовин е обвинет за убиство, а јавниот обвинител на Минесота, Кит Елисон, вчера изјави дека обвинителите се обидуваат што побрзо да утврдат дали треба да се покрене обвинение и против уште тројцата други полицајци, вклучени во инцидентот. Сите четворица полицајци беа отпуштени, наведе Гласот на Америка.
Џорџ Буш: Убиство на Флојд е шокантен неуспех против расизмот
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот изјави дека убиството на Џорџ го одразува „шокантниот неуспех“ на борбата на земјата против расизмот и ги повика властите да ги послушаат барањата на демонстрантите.
Буш, чија изјава покажува дека неговата позиција се разликува од онаа на претседателот Доналд Трамп, иако не го спомна неговото име, смета дека исчекорот од американските вредности ги поттикна демонстрациите низ целата земја.
„Единствениот начин да се видиме самите себеси во вистинско светло е да го слушнеме гласот на многуте повредени и на оние што жалат“,
порача поранешниот републикански претседател Буш, пренесе Хина.
„Оние што сакаат да ги замолчат овие гласови не ја разбираат смислата на САД или како таа станува подобро место“,
додаде тој.

Иницијалната каписла за големите протести на национално ниво, кои траат повеќе од осум дена, беше смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд за време на насилното апсење во Минеаполис на 25 мај.
Буш изјави дека тој и неговата сопруга Лора биле вознемирени од „бруталното задушување“ на Џорџ Флојд.
„Случајот на Флојд активира прашање со кое треба да се соочиме“,
рече Буш.
„Фактот дека многу Афроамериканци, особено млади Афроамериканци, се малтретирани и им се закануваат е трагичен неуспех“,
рече Буш, кој беше претседател на САД од 2001 до 2009 година.
За него оваа трагедија е меѓу низата други слични трагедии кои отвораат многу задоцнето прашање: „како ќе ставиме крај на системскиот расизам во ова општество“, додаде Буш.