Алатката, како што рече министерката за образование и наука Весна Јаневска, ќе им биде корисна на учениците за да размислуваат креативно, а на наставниците за планирање на предавањата и тестовите, како и за автоматизирање на административните процеси
Министерката за образовани и наука Весна Јаневска информира дека вештачката интелигенција ќе биде воведена во средното образование и ќе се применува за различни теми по сите предмети и во слободните училишни активности. Алатката, како што рече, ќе им биде корисна на учениците за да размислуваат креативно, а на наставниците за планирање на предавањата и тестовите, како и за автоматизирање на административните процеси.

За воведување на вештачката интелигенција во наставата, МОН и Бирото за развој на образованието (БРО) ќе имаат стручна поддршка од приватната високообразовна установа и друштвото за интернет едукација кои работат под брендот „Бреинстер“. Соработката денеска беше формализирана со меморандум.
„Со вештачката интелигенција може за една до две минути да се добијат распоред за часови и распоред на наставници, може да им ги средува сметководствените потреби, на наставниците може да им направи наставни ливчиња, ако ги има податоците за темата што се учи, може да им направи тестови, вежби… Децата може да вежбаат, да решаваат задачи, да одговараат прашања од одредена тема во учебникот. Се тоа ќе биде многу побрзо и ќе биде соодветно на она што се случува во светот во овој момент. Најголемата придобивка од вештачката интелигенција за учениците ќе биде тоа што ќе ги натера да мислат и ќе им овозможи она што на нашите деца им недостасува според ПИСА-тестирањето“,
истакна Јаневска.
Министерката истакна дека е важно учениците да се заштитат при користењето на вештачката интелигенција и да ги проверуваат добиените информации, да стекнат знаења и вештини и за етичка примена на вештачката интелигенција во секојдневието, за време на наставата, а понатаму и во нивните професии.
„На ова поле интензивно работиме и не чека многу работа во следниот период. На Факултетот за информатика во Штип веќе подготвуваме документ со насоки за наставниците и за учениците за примена на ВИ од септември, што ќе биде увертира на воведувањето конкретни теми во наставните програми за секое одделение. Примарниот фокус на меморандумот што денеска го потпишуваме е поддршка на воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Но, ‘Бреинстер’ ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование“,
додаде Јаневска.
Информира дека во Регионалниот центар за средно стручно образование во Битола се воведуваат насока за вештачка интелигенција и дека веќе се изготвуваат плановите и програмите со странски експерти.
Основачот на „Бреинстер“, Петар Ниновски, на прес-конференцијата истакна дека е многу важно младите уште во средно образование да почнат да се едуцираат за оваа технолошка иновација. Потенцира дека за нив ова е значаен ден бидејќи се формализира соработката со МОН и се прави голем чекор напред кон системски пристап во воведување на вештини поврзани со познавањето на вештачката интелигенција во средното образование.