Маски, растојание, следење на туристите со дигитални апликации, мерење температура со термички скенери, неопходни хотелски резервации и пополнување на прашалници по пристигнувањето се дел од мерките кои ќе продолжат да се применуваат
Италија денеска ги отвори регионалните граници, по тримесечен карантин поради пандемијата на коронавирусот, што ќе овозможи поголема слобода на движење за повеќе од 60 милиони жители на земјата.
Од денеска е дозволен и влез на граѓаните од шенген-зоната без карантин.
Регионалните граници беа отворени на полноќ, и покрај спротивставените ставови на италијанските власти во однос на регионот Ломбардија, кој беше најтешко погоден од пандемијата. Најгласни во противењето беа лидерите на регионите од југот, каде што имаше помал број случаи на коронавирус во споредба со северот од земјата.
Во одредени области во Италија, сепак, ќе останат во сила контролите и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот кои вклучуваат следење на туристите со дигитални апликации, мерење температура со термички скенери, неопходни хотелски резервации и пополнување на прашалници по пристигнувањето.
Ломбардија, Венето и Лигурија побараа целосно враќање на нормалното функционирање, додека Тоскана, уште една недела рестрикции. Кампања ја критикуваше одлуката за отворање на границите, а Сардинија најави „здравствени пасоши“ за пристигнување на туристите, што министерот за регионални работи Франсоа Боа го смета за неуставно.
Во Италија и натаму во сила останува забраната за собири и обврската за безбедно растојание. Употребата на заштитна маска е задолжителна во затворен простор, вклучително и во јавниот превоз, а во регионите Ломбардија, Трентино, Фриули-Венеција, Пулија, Кампања, но и во градот Ѓенова маските се задолжителни и на отворено.
На железничките станици на патниците ќе им се мери телесната температура со термички скенери, и доколку е над 37,5, нема да им биде дозволено да патуваат со воз.
Во Италија продолжуваат да работат 24-те аеродроми, пристигнувањето е дозволено од 26 држави и тоа без карантин, додека пристигнувањата од земјите надвор од шенген-зоната ќе бидат дозволени од 15 јуни.
Италија е прва земја во Европа што воведе карантински мерки на целата територија на почетокот на март, а со првично олеснување на рестриктивните мерки почна од 4 мај, по што следуваше нова фаза олеснувања на 18 мај. За 15 јуни е најавено и отворањето на кината и театрите, а училиштата и стадионите ќе останат затворени.
Повеќе од 233 000 лица во Италија се заразија со ковид-19 од почетокот на кризата, а во моментов има околу 39 000 активни случаи. Италија регистрира и повеќе од 33 000 смртни случаи, со што таа се најде на третото место според бројот на жртвите од коронавирусот, по САД и Велика Британија.
*Поврзана вест
Неколку европски земји со поголеми олабавувања на рестрикциите – меѓу нив и Италија