Според него, овој документ ќе ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами денеска во Лондон потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Шефот на македонската дипломатија на својот фејсбук-профил соопшти дека е потпишана Декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, со што се зајакнуваат билатералните односи меѓу двете земји.
„Во британскиот ‘Форин офис’ денеска остварив средба со државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами. Оваа средба е од историско значење, што отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји, во чии рамки ја потпишавме Декларацијата за стратешко партнерство“,
пишува на Фејсбук Муцунски.
Според него, овој документ ќе ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО.
„Разговаравме и за неодамнешниот договор ‘влада со влада‘ што ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Разговаравме и за нашето сојузништво во рамките на НАТО, како и за соработката во мултилатералните организации“,
вели шефот на македонската дипломатија.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија Герет Томас на 22 мај во Лондон го потпишаа договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, со кој на земјава ѝ се става на располагање заем од пет милијарди фунти.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер во мај постигнаа согласност за стратешко партнерство на средбата одржана во рамките на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.