Археолозите велат дека езерската населба стара 8 000 години, откриена под Охридското Езеро, е најстара од ваков тип во Европа. Дрвените столбови, животинските коски и алати откриваат развиена земјоделска и ловечка заедница
Археолози кои истражуваат на бреговите на Охридското Езеро од страната во Албанија откриле најстара човечка населба изградена на европско езеро, пронаоѓајќи докази за организирана ловечка и земјоделска заедница што живеела пред околу 8 000 години, пренесува „Франс 24“. Во написот се наведува дека тим археолози од Швајцарија и Албанија, секој ден поминува по неколку часа на околу три метри под водата, внимателно извлекувајќи дрвени столбови кои ги поддржувале куќите. Тие исто така собираат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со прецизно изрезбани украси.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн изјави дека слични населби се пронајдени во Алпските и Медитеранските Региони, но населбата кај селото Лин е половина милениум постара, датирајќи од пред 6 000 до 8 000 години.
„Бидејќи се наоѓа под вода, органскиот материјал е добро сочуван, што ни овозможува да дознаеме што јаделе овие луѓе, што одгледувале“,
вели Хафнер.
Хафнер вели и дека наодите покажуваат оти луѓето што живееле на езерото помогнале во ширењето на земјоделството и сточарството во други делови на Европа.
„Сè уште ловеле и собирале, но стабилниот извор на храна доаѓал од земјоделството“,
вели тој.
Албанскиот археолог Адриан Анастаси изјави дека може да бидат потребни децении за целосно да се истражи областа.
„Според начинот на кој живееле, јаделе, ловеле, рибареле и според архитектурата што ја користеле за да го изградат нивното населување, можеме да кажеме дека биле многу умни за тоа време“,
посочува Анастаси.
Повеќе студии покажуваат дека Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа, со старост од над еден милион години.

Староста на пронајдените артефакти се утврдува преку посебен метод со радиојаглерод и дендрохронологија, која ги мери годишните прстени на раст во дрвјата. Од локалитетот се собрани повеќе од илјада дрвени примероци, а се верува дека населбатa била дом на неколку стотици луѓе. Се проценува дека таа опфаќала околу шест хектари, но досега, по шест години работа, е ископано само околу 1% од неа.