Синдикатот на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ со кој бараше поништување на последниот оглас за нови вработувања и најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули. Сепак, раководството на Синдикатот објави дека најавениот штрајк се става во мирување оти нивните барањата се придвижуваат во позитивна насока
На огласот за вработување во Македонската навигација (М-НАВ), по најавата на контролорите на летање дека на 10 јули ќе штрајкуваат, и потоа ставањето на процесот во мирување, се избрани лица блиски до владејачката партија, меѓу кои сопружник на актуелна функционерка, како и еден од првите луѓе во раководството на организација во рамките на партијата на власт, пренесува порталот „Сакамдакажам (СДК).
Така, според „СДК.мк“, на огласот за вработување во М-НАВ се избрани Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.

Југ и Стамнов се примени на работното место – помошник за развој и инвестиции и набавки, а Ѓорѓиев како студент ВИ.
Како што пишува порталот, дел од огласот се реобјавил вчера, на 16.07.2025 година, за три работни места, од кои две се за средно образование, а едно место е советничко место со високо образование.
„Неофицијални информации се дека другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, па затоа вчера е распишан, реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места што за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите е одбиен оти не знаел англиски јазик“,
пишува СДК.
Огласот е повторен за работното место оператор за трансмисија на податоци и авторизација и надзор на летови, работното место студент ВИ и за работното место – самостоен советник.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, како што пишуваат од СДК, не одговорил на нивните повици со цел да даде објаснување за спорниот оглас за вработување во оваа институција.
Дополнително, порталот пренесува дека во втората фаза интервјуирањето на кандидатите го вршеле само тројцата директори на Управниот одбор на М-НАВ, без претставници на Синдикатот на контролори на летање.
Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој бара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Доколку барањата не бидат исполнети, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули.
Закажаниот штрајк на контролорите за летање за 10 јули беше ставен во мирување, а претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, рече дека одлуката е донесена оти барањата на синдикатот се придвижуваат, поточно, одобрено е барањето за вработување контролори и за спроведување функционална анализа која треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни.
Раководството на АД во државна сопственост за услуги во воздухопловна навигација, М-НАВ, тогаш преку соопштение објави дека презема чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација.
Според М-НАВ, со планираните огласи за вработување, ќе се вработат лица како замена за колеги кои веќе се пензионирале или ќе го остварат своето пензионерско право во наредните месеци, генерациски смени и други причини.
Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во координација со Владата, добил согласност од Министерството за финансии за вработување на високостручен кадар специјализиран за потреби на давање воздухопловно-навигациски услуги во текот на 2025 година. Планирано е вработување на четири метеоролози прогностичари, еден метеонабљудувач и еден инженер за сајбер-безбедност.