Државниот секретар Марко Рубио рече оти израелските напади врз Дамаск биле недоразбирање помеѓу двете влади

Соединетите Американски Држави очекуваат итна деескалација по денешните израелски напади врз главниот град на Сирија, Дамаск – вели американскиот државен секретар Марко Рубио. Тој рече оти борбите помеѓу сириските Друзе и Бедуини довеле до недоразбирање помеѓу владите на Израел и Сирија, па затоа следувале нападите врз зградата на Министерството за одбрана и областа околу претседателската палата во Дамаск.
„На патот сме кон вистинска деескалација, а потоа се надеваме дека ќе се вратиме на патот на помагање на Сирија да ја обнови земјата и кон многу постабилна ситуација на Блискиот Исток“,
кажа Рубио.
Рубио вели и оти се надеваат дека нивните напори ќе внесат плод во следните неколку часови, а религиозниот лидер на Друзите, шеикот Јусеф Џарбу, изјави оти веќе е постигнат договор за прекин на огнот со владата во Дамаск.
Претходно, израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека предупредувањата во Дамаск се завршени и најави болни удари врз сирискиот режим, нагласувајќи дека Израел ќе ги брани сириските Друзи.