Потврда за настанот пристигна и од Основното јавно обвинителство, од каде повеќе детали најавија во текот на утрешниот ден
Докторка во битолската Јавна здравствена установа – Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ денеска била затекната при примање поткуп, потврдија од Министерството за здравство и од Основното јавно обвинителство.

Од Министерствтото велат оти најостро го осудуваат секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем и оти откако случајот бил обзнанет, веднаш се иницирала постапка за утврдување дисциплинска одговорност, согласно важечката легислатива.
„Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство. Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман“,
велат од Министерството.
Дополнително, се наведува дека тие нема да толерираат корупција и оти сите прекршоци ќе бидат санкционирани за да се зачува довербата во здравствениот систем, а воедно ги повикаа граѓаните да продолжат да пријавуваат неправилности преку веб-алатката.
„Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата“,
изјавија оттаму.
Потврда за случајот пристигна и од Основното јавно обвинителство, од каде што велат дека ОЈО Битола и СВР Битола постапуваат за кривично дело примање поткуп од осомничена докторка. Сè уште се преземаат дејствија и затоа повеќе информации најавија во текот на утрешниот ден.