Белгија, Холандија, Швајцарија, Италија, Португалија и Ирска се европските земји кои за првата недела на јуни најавија поголеми олабавувања на рестрикциите воведени поради епидемијата од ковид-19.
Во Белгија од денеска се отвараат предучилишните установи, додека основните училишта ќе продолжат со настава на 8 јуни, при што на 5 јуни ќе има тн „пробен ден“.

Холандија од вчера ги отвори рестораните, кафулињата и баровите, кината, театрите и концертните сали. Од денеска во клупите се вратија средношколците при што како задолжителна мерка е фиичко растојание меѓу учениците и наставниците од 1,5 метри. Основните училишта според најавите ќе бидат отворени на 8 јуни.
За сите лица од 13 години нагоре задолжително е носење маски во јавниот превоз.
Во Швајцарија од 6 јуни ќе бидат дозволени приватни и јавни настани до најмногу 300 лица, вклучувајќи семејни настани, саеми, концерти, претстави и филмски проекции, како и политички и граѓански собири и протести. Исто така, од 6 јуни продолжуваат и спортските тренинзи без никакви ограничувања за бројноста. И рестораните ќе дозволат поголеми групирања, а ќе бидат отворени и базените и ќе може да се организираат музички настапи.

Од 8 јуни ќе продолжи наставата во средните и стручните училишта и на факултетите.
Од денеска, денот кога земјата го прославува националниот ден, во Италија, земјата која најтешко беше погодена од пандемијата, се отворени педесетина музеи и археолошки паркови, откако претходните денови продолжија со работа 180 културни институции, со строги препораки да се следат владините мерки за заштита. За 20 јуни е најавен почетокот на натпреварите во фудбалскиот шампионат во Серијата А.

На 1 јуни поголемиот дел од Португалија започна со третата фаза на олеснување на мерките. Дозволени се собирања повеќе од 20 лица, а постепено продолжуваат со работат и административците. Поголемите продавници и ресторани во трговските центри можат повторно да се отворат. Ограничувањето да биде се пополни само 50% од капацитетот за рестораните не важи доколу се одржува растојание од 1,5 метри.

Се отвораат и градинките, кината и театрите, а баровите и клубовите на островот Мадеира ќе можат да работат и до 2 часот по полноќ. Португалија го укина карантинот за туристите, а плажите ќе бидат отворени на 6 јуни.
Ирска од 8 јуни влегува во втората фаза од олабавување на рестрикциите, при што се укинува ограничувањето за патување до 5 километри оддалеченост од дома, што беше воведено на 5 мај. Дозволено е да се отворат и малите продавници, но со намелн број вработени. И јавните библиотеки можат да се отворат, но бројот на посетители е ограничен и со задолжително физичко растојание. Кафулиња и рестораните кои служат храна и пијалоци можат да бидат отворени повторно, но со строгопочитување на протоколите за физичко растојание и дезинфекција. Од 29 јуни почнува постепено отворање на градинките, а отворањето на сите други несуштински продажни места ќе биде фазно.