Речиси седум месеци по објавувањето на конкурсите за кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни (ААВМУ) и на Програмскиот Совет на МРТ, Собранието, односно Комисијата за избори и именувања не свикува седница на која ќе го отвори процесот за избор на нови членови. Конкурсот беше распишан кон крајот на јануари оваа година. Ако првичната причина за одложувањето беа претседателските избори, тие завршија пред два месеци, а надлежното собраниско тело и натаму го игнорира конкурсот.

„Навистина е неразбирливо зошто толку се доцни. Сите забелешки во однос на потребата за реформи во медиумската сфера се насочени токму кон ААВМУ и МРТ, а Собранието ништо не се презема. Веќе две години ништо таму не е мрднато од мртва точка. Мислам дека повеќе не може да има изговори. Ние, официјално ќе реагираме кај претседателот на Собранието, Талат Џафери и ќе побараме, тој процес, итно да биде откочен“,
вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски.

Во недоумица се и кандидатите кои конкурираа. Никој не добил никакво формално известување до каде е процедурата. Еден од нив е комуникологот Сефер Тахири. Причините поради кои целиот процес толку многу се одолговлекува ги гледа во институционалната неодговорност.
„Јас, согласно законот и објавениот конкурс поднесов кандидатура за член на Советот на ААВМУ. Нема официјална информација кога ќе почне процедурата, ниту не се знае датумот за одржување на јавната расправа со кандидатите. Ако една од причините за одложување се должеше на изборите, другата причина е функционирањето на нашите институции кои треба да бидат по внимателни кога се работи за јавно објавени конкурси и конкретни процедури кои имаат законски рокови“,
изјави Тахири.
Забрзување на процедурите очекува и Виктор Грозданов. Тој исто така е кандидат за член на Советот на ААВМУ. Според неговите сознанија, можно е многу скоро да биде отворена процедурата за избор.
„Јас искрено се надевам дека ќе биде бргу. Неофицијално се зборува дека тоа е можно да се случи уште во текот на овој месец. Иако е период на годишни одмори, не верувам дека кој било од кандидатите би изостанал доколку процесот биде отворен. Сите кандидати се сериозни, а обврските кои би ги преземале се уште посериозни, бидејќи не очекува решавање на трите крупни прашања. Односите меѓу самите медиуми, односите на медиумите со државата и односите на медиумите со граѓаните“,
вели Грозданов.
Мнозина се сомневаат дека политиката игра зад кулиси, бидејќи на опозицијата, која преку Илија Димовски ја предводи Комисијата за избори и именувања, и одговара токму ваква статус-кво ситуација, во која таа и натаму го има приматот и во ААВМУ и во МРТ.
Обидот на „360 степени“ да добие коментар од Димовски за причините поради кои тој не ја свикува Комисијата остана неуспешен бидејќи тој не одговори на нашето прашање.

Неодамна, во емисијата „Отворено“ министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски информира дека промените во ААВМУ и во МРТ ќе се одвиваат во отворена постапка, пред очите на јавноста, за да се изнајдат најквалитетните решенија, но во ниту еден момент не посочи датум кога очекува тоа да се случи.
Изборот на членовите на Советот на ААВМУ и на Програмскиот Совет на МРТ ќе се одвива во слична процедура како и последниот избор на членови на Државната Комисија за спречување корупција.
С. Македонија годинава забележа скок од 14 места на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“. Главна забелешка во извештајот е состојбата во јавниот сервис. Во него се вели дека тој продолжува да и служи на интересите на поранешната владејачка партија.