Координаторот на пратеничката група на СДСМ ова го изјави откако на собраниската Комисија за финансирање и буџет беа одбиени два амандмана на СДСМ за ребалансот на Буџетот
Со одбивањето на амандманите, власта покажува дека нема слух за основните проблеми на граѓаните и воедно уште еднаш се покажа дека извршната власт, односно Владата ја контролира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Тој вели дека СДСМ постапила одговорно и во функција на граѓаните и во ребалансот на Буџетот го понудиле она што било приоритет, па токму затоа одбивањето на амандманите покажува дека покрај немањето слух, владејачкото мнозинство нема ниту демократски капацитет да ги сослуша забелешките и да ги разгледа предлозите кои доаѓаат од опозицијата.
„СДСМ и Коалицијата денеска поднесоа два клучни собраниски амандмани, како што претходно најавивме и кои се однесуваа на две приоритетни работи во државата. Еден амандман беше за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства и повредените од пожарот ‘Пулс’ во Кочани со кои финансиски средства треба да заврши исплатата на оштетата, меѓутоа и сите други потреби кои ги имаат оваа категорија на граѓани. Ова беше амандман кошто беше и шанса да пратиме порака за соработка, порака за единство, меѓутоа и порака за солидарност со граѓаните. Да покажеме дека институциите се тука кога им се најпотребни на граѓаните, како што во овој момент се потребни на граѓаните на Кочани“,
рече Спасовски.
Вториот амандман кој беше одбиен беше наменет за справувањето со пожарите. Спасовски изјави дека властите покажале некапацитетност со справувањето со пожарите и оти нема реакција од надлежните институции на соодветно ниво. Токму затоа и се случиле низа пожари, човечки жртви и изгорени куќи, викенд-куќи и стопански капацитети.
„Овие беа пари со коишто можеше да се обезбеди и дополнителна опрема, тоа што е потребно и за кое сите заедно ќе покажеме дека врвните приоритети не познаваат разлики, политики или било какви други. За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не ги поддржаа ниту овие два амандмани како врвен приоритет, а имајќи во предвид дека сите други амандмани коишто сметавме дека не се приоритет, односно не можат да бидат ваков приоритет каков што се амандманот за Кочани и за пожарите, ги повлековме токму во таа функција, да понудиме две приоритетни области во кои сите заедно ќе успееме да се соединиме или да пружиме рака за соработка“,
заклучи Спасовски.
Овие амандмани предвидуваа обезбедување милијарда и двесте милиони денари за финансиска поддршка на повредените и семејствата на починатите во пожарот во Кочани и за медицинска опрема во кочанската болница, како и 500 милиони денари за пожарникарските служби, плати, набавка на заштитна опрема и механизација.