Реакцијата на градските власти доаѓа по прес-конференцијата на владејачката ВЛЕН, од каде што кажаа дека зад „координираната акција“ на градоначалничката, стои Блерим Беџети и Демократската унија за интеграции
Единствената мисија која Министерството за внатрешни работи на ВМРО ја имаат е да го штитат и бранат Висар Ганиу, се вели во реакцијата на Град Скопје на денешната прес-конференција на директорот на ХЕС „Треска“ и член на коалицијата ВЛЕН, Астрит Илјази кој кажа дека во изминатите месеци граѓаните биле сведоци на спектакуларно режирана акција на ДУИ, во која главната цел била семејството на припадник на ОНА и оти под команда на Блерим Беџети, скопската градоначалничка Данела Арсовска „удирала врз Албанците“.
Од Град Скопје велат дека криминалните политички опции, наместо да го осудат случајот во кој градоначалничката Арсовска беше физички нападната додека вршела увид на дивоградба во скопската општина Чаир, го политизираат и наместо да застанат наспроти криминалот, тие сите се во коалиција за штитење на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и без срам промовираат дека Арсовска тепала маж, кој притоа е и поранешен командант сред Чаир.
„Институционално не можеме да поверуваме дека на МВР не му се гледаат 150 небезбедни згради дивоградби на 12 спрата, кои сега дозволуваат да продолжат да се градат и покрај тоа што се пријавувани уредно. Град Скопје ве прашува господа од власта, нели рековте ќе бидете подобри од тие пред вас, ќе донесете правда, ете тие не постапувале 2 години, ама и вашата прва година власт излезе КАКО И ДО СЕГА. Единствена мисија која МВР на ВМРО ја имаат е да го штитат и бранат Висар Ганиу“,
велат од Град Скопје.
Претходно денеска, од ВЛЕН порачаа дека дека ДУИ треба да одговори на прашањата во однос на тоа кој прави намерен притисок на одредени поединци и зошто ДУИ свесно шират лаги за борци на ОНА и оти градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска „удира врз Албанците“ под команда на пратеникот од редовите на ДУИ и поранешен градоначалник на о. Сарај, Блерим Беџети.