Вицепремиерот и министер за транспорт рече оти првите дваесетина километри од автопатот се функционални и дека логично е граѓаните да поставуваат прашања кога тој ќе биде завршен целосно
Кон крајот на летото очекуваме да пуштиме во употреба дополнителни осумнаесет километри од автопатот Кичево – Охрид, поконкретно делот од Климештани до влезот на Охрид, рече министерот за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека во изминатата година, се работи во три смени и оти сега на терен работат над 1 100 работници, 300 камиони и 110 машини кои работат за конечно да се изгради автопатот кој според него станал симбол и пресечник помеѓу две времиња, незаинтересираноста, неспособноста и неработењето на СДСМ и ДУИ, како и на посветеноста на работата на актуелната Влада.
„Автопатот Охрид – Кичево е симбол за таа работа, јас уште кога бев избран кажав дека тој е симболот. Ние можеме да реализираме десетици други проекти, но доколку овој проект не го завршиме ќе бидеме исти како претходните, доколку го завршиме како што го завршуваме, тогаш ќе бидеме различни од претходните. Граѓаните се задоволни бидејќи се гледаат првите резултати, ги имаме функционални првите двесетина километри и нормално да прашаат кога ќе заврши целосно“,
рече Николоски.
Николоски рече и оти тие нема да отстапат од договореното со изведувачот и банките и оти кон крајот на следната година, се очекува целиот автопат во должина од 57 километри да биде функционален и ќе може да се користи. Дополнително, вели се работи на проекти во делот на автопатската и железничката инфраструктра и најави нови проекти во периодот кој следува.
„Во делот на автопати работиме многу, се работи на автопатот Тетово – Гостивар како дел од автопатот Скопје-Струга – Охрид, се работи на вториот автопат, тоа е потегот од Гостивар до Букојчани или популарната Стража. Во моментов имаме тендер за делот од Букојчани до Кичево, тоа е врската што недостасува, понатаму работиме на автопат од Битола кон Прилеп, веќе се заврши експресниот пат од Градско до Фариш. Го ставивме во функција делот од Куманово до Крива Паланка, исто така го пупштивме делот од Гевгелија до Богданци, така да на многу фронтови работиме на автопатската мрежа и резултатите се гледааат“,
изјави министерот.
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски рече оти трошоците за изградба на автопатот ќе се зголемат бидејќи во минатото не биле предвидени средства за големиот број свлечишта кои се појавиле при изградбата на автопатот.
Вчера во употреба беа пуштени 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, од селото Врбјани до Охрид, со прекин кај селото Ботун. Премиерот Мицкоски во својот говор рече дека како влада успеале да го откочат најголемиот и најзаглавениот инфраструктурен проект во земјава по само една година и оти нема да застанат на овие дваесет километри, туку најави дека следната година автопатот ќе биде целосно завршен и ставен во функција.
Од СДСМ реагираа дека автопатот Кичево-Охрид не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ туку на работата, одговорноста и решителноста на СДСМ да го спаси нивниот фушерај и да го заврши во интерес на сите.