„Прв услов е да видиме дали сите понуди ја понудиле сумата што ја бараме. Тоа ќе биде првиот катализатор, а потоа ќе влеземе во нивна длабинска анализа. Дури потоа ќе можеме да зборуваме за повеќе детали“, рече премиерот коментирајќи ги пристигнатите понуди за брзата пруга од Коридорот 10
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на утрешната владина седница, во затворен дел ќе се разгледаат доставените понуди од 16. меѓународни финансиски институции и комерцијални банки што се заинтересирани за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10.
Сепак, посочи дека сите понуди се доверливи и како такви ќе ги третираат додека не се избере најповолната и истата не се декласифицира за да можат да ја објават во јавноста.
Тој изјави и дека не може да каже која камата ја понудиле банките и финансиските институции.

„Не можам да ви кажам зашто понудите се доверливи. Не би зборувал ниту за бројка додека не поминат на владина седница. Утре, покрај редовната, ќе имаме и затворена владина седница. Очекувам информација од Министерството за финансии, како и да се предложи меѓусекторска работна група што ќе ги анализира пристигнатите понуди. Прв услов е да видиме дали сите понуди ја понудиле сумата што ја бараме. Тоа ќе биде првиот катализатор, а потоа ќе влеземе во нивна длабинска анализа. Дури потоа ќе можеме да зборуваме за повеќе детали“,
рече тој одговарајќи на новинарско прашање на настанот на Царинската управа „Една година резултати“.
Уште еднаш повтори дека сите понуди се доверливи и како такви ќе се третираат додека не се избере најповолната и истата не се декласифицира за да можат да ја објават во јавноста.
„Граѓаните да бидат мирни и спокојни. Сигурно нема да класифицираме договори како што беше случај во минатото кога се потпишуваа и се носеа на шверцерски начин со злоупотреба на европското знаме. Она што ќе го прифатиме ќе биде најдобро. Оптимист сум дека така и ќе биде. Работиме само во интерес на граѓаните“,
кажа премиерот.
На 9 јули Министерството за финансии соопшти дека шеснаесет меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се заинтересирани за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10.
Минатиот месец ресорното министерство испрати барање до 21 меѓународна финансиска институција и странски комерцијални банки за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга вдолж Коридорот 10. Рокот за доставување на понудите истече на 7 јули.
Износот што се бара за реализација на проектот, како што информира ресорното министерство, е 1,91 милијардо евра.
Брзата пруга ја најави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ кон крајот на април годинава.
Тој рече дека Македонија сама ќе инвестира во брза пруга од Табановце до Гевгелија, а изградбата на овој проект ја процени на околу две милијарди евра.
Николоски тогаш посочи дека поврат на инвестицијата се очекува за 10-12 години.
Меѓу другото, Николоски рече дека изградбата на пругата ќе биде инвестиција на државата, односно дека таа нема да оди под концесија или јавно-приватно партнерство, а очекува во 2031 година таа веќе да биде пуштена во употреба.