Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, под чие Министерство е Царинската управа, во своето обраќање на денешниот настан насловен „Една година резултати“ особено се осврна на, како што кажа, значајниот раст на увозните давачки, кои, според неа, покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината
Царинската управа за една година наплатила приходи во висина од над две милијарди евра, што е за 105 милиони евра повеќе споредено со истиот период претходно.

За резултатите од работата на Царината во изминатата една година од доаѓањето на новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на настан насловен „Една година резултати“ говореа директорот на оваа институција Бобан Николовски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот, кој се обрати последен, рече дека постигнатите резултати на Царината се резултат на принципиелна работа, раководење без калкулации и на борба со сивата економија и корупцијата.
„Затоа, денес растат приходите од царина за 15,2 проценти, од акцизата растат за 7,1 процент итн. Знаеме што значат овие бројки – тоа значи повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца“,
рече Мицкоски.

Со повеќе статистички детали за работата на Царината под негово раководство, говореше директорот на оваа институција, Николовски. Според него, во овој период биле спречени се прекршочни и кривични дела во вкупно 520 случаи на заплени, што според него се двојно повеќе во споредба со претходниот дванесетмесечен период.
Како што наведе тој, од јули лани досега поднесени се 181 кривична пријава за сторени кривични дела против 307 физички и 99 правни лица или, како што нагласи, за четири и пол пати повеќе споредбено со годината претходно кога биле поднесени 42 кривични пријави.
Во таа насока тој ги спомена заплените на Царината на 230 употребувани автомобили, потоа на 230 килограми дрога и 600 килограми анаболици, спречен обид за криумчарење на половина милион евра вредно злато, 30 килограми сребро, над 200 килограми лекови и над 10 илјади килограми суплементи, 400 илјади парчиња цигари и пури.

Ваквите резултати, Николовски ги оцени како историски, а се постигнати со тоа што уште првиот месец тргнале силно во остварувањето на своите должности.
„Приходите од царина бележат раст од 15,2 проценти, од акциза од 7,1 процент, а приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 17 проценти. Ова претставува сериозен износ што се влева во Буџетот за повеќе капитални инвестиции, што ја раздвижија економската активност и водат до повисок економски раст“,
рече Николовски.
Во однос на опременоста, тој кажа дека на сите гранични премини и гранични терминали се ставени во функцијата систем за видеонадзор и систем за препознавање регистарски таблички, кои се едни од најсовремените во Европа.
„Снимките од системите претставуваат и веќе се користат како доказен материјал во предистражни постапки на Царинската управа, како и други истражни органи“,
рече тој.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, под чие Министерство е Царинската управа, во своето обраќање особено се осврна на, како што кажа, значајниот раст на увозните давачки, кои, според неа, покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината.

„Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност, тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси“,
рече министерката додавајќи оти очекува и верува дека оваа динамика ќе продолжи и понатаму.