И покрај барањето на скопското обвинителство за мерка ефективен притвор за првоосомничениот, Основниот кривичен суд Скопје му определи осумдневен куќен притвор. На второосомничениот, пак, Кривичен му одреди мерки на претпазливост, како што претходно бараше ОЈО Скопје
Основниот кривичен суд Скопје му одреди осумдневен куќен притвор на С.Љ. – осомничен за физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Кривичен му одреди куќен притвор и покрај тоа што Обвинителството бараше да му биде одредена мерка ефективен притвор.

На второосомничениот – исто така со иницијали С.Љ. – Судот му одреди мерки на претпазливост, како што претходно бараше скопското обвинителство.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело насилство, поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Град Скопје, донесе решенија со кои: С.Љ. – осомничен дека вербално и физички ја нападнал оштетената му се определува мерка куќен притвор во траење од осум дена, со оглед да се работи за скратена постапка. На второосомничениот С.Љ. – кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост“,
информираат попладнево од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Судот додаваат дека странките имаат право на жалба против судските решенија.
Основното јавно обвинителство Скопје претходно денеска информира дека е поведена постапка против две лица во врска со вчерашниот инцидент во Чаир кога беше нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. За двете лица се води постапка за кривичното дело насилство. За првоосомничениот ОЈО Скопје предложи мерка ефективен притвор, а за второосомничениот мерки на претпазливост.