Премиерот беше прашан да ги коментира шпекулациите и наводите во дел од медиумите дека функционер на ДУИ е вклучен во подметнувањето пожари во државата. Мицкоски не даде конкретен коментар во врска со ваквите наводи, но рече дека постојат основани сомненија дека, особено она што се случи во Скопје пред неколку дена, алудирајќи на пожарот во Визбегово, е организирана акција
Од ДУИ преку писмено соопштение рекоа дека ги отфрлаат клеветите и тенденциозните вести од, како што наведоа, одредени кругови блиски до власта за оцрнување на функционерите и активистите од нивните редови во Шуто Оризари за наводна вмешаност во сериозни инциденти како подметнување пожари во околината на Скопје и Визбегово
Имаме одредени информации и основани сомненија дека, особено она што се случи во Скопје пред неколку дена, е организирана акција – изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан да ги коментира шпекулациите во јавноста и наводите во дел од медиумите дека функционер на ДУИ е вклучен во подметнувањето на пожари во државата.

Мицкоски не даде конкретен коментар во врска со ваквите наводи велејќи дека не би сакал да зборува подетално.
„Имаме одредени информации и основани сомневања дека особено она што се случи во Скопје пред неколку дена е организирана акција. Има приведени лица и одземени телефони. Оставам на органите да си ја завршат својата работа, но доколку се потврдат овие основани сомненија тогаш одредени личности ќе бидат во сериозен проблем“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета во Охрид.
Во меѓувреме, Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение посочи дека ги отфрла клеветите и тенденциозните вести од, како што велат, одредени кругови блиски до власта за оцрнување на функционерите и активистите од нивните редови во Шуто Оризари за наводна вмешаност во сериозни инциденти како подметнување пожари во околината на Скопје и Визбегово.

Од ДУИ оценија дека се работи за намерен обид за манипулација на јавноста и напад на опозицискиот глас и политичко претставување на Албанците во пресрет на локалните избори.
„Ги повикуваме надлежните институции транспарентно да ги разјаснат причините, правната основа и целта на полициската контрола спроведена во домот на г. Иљас Лесковица, како и да објаснат кој од инкриминираните кругови стои зад ваквите селективни одлуки кои имаат за цел вршење притисок врз легитимни политички претставници. За жал, ова не е првпат државните структури да се злоупотребуваат за политички цели. Претходни случаи, вклучително и случајот со Кочани, јасно покажуваат дека вистинските виновници не се соочуваат со правдата, додека други се користат како жртви на политички калкулации“,
велат од ДУИ.
Во средата, на 9 јули, избувна голем пожар на отпад за старо железо во скопско Визбегово. Во врска со случајот беше приведен сопственикот на отпадот. ОЈО Скопје поведе истрага за причините за пожарот, а отвори и постапка против сопствениците на депонијата поради нападот на новинарската екипа на ТВ Алсат М.