Дополнително, од МВР посочуваат дека е постапено во врска со сите наводи за добиени закани за кои градоначалничката Данела Арсовска информира на социјалните мрежи изминатиов период и покрај обвинувањата дека институцијата не постапува по однос на случаите. Министерството објави и хронологија на настани за кои вели дека е постапувано
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека е одобрено 24-часовно обезбедување за скопската градоначалничка Данела Арсовска по вчерашниот инцидент во скопски Чаир кога таа беше вербално и физички нападната. Одлуката, како што наведуваат оттаму, е донесена врз основа на безбедносната проценка изготвена од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

„Градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на обврските“,
велат од МВР.
Оттаму додаваат дека Арсовска во текот на денот ќе биде исконтактирана од надлежните служби за координација на нејзините активности согласно мерките за лична заштита.
Дополнително, од МВР посочуваат дека е постапено во врска со сите наводи за добиени закани за кои градоначалничката Данела Арсовска информира на социјалните мрежи изминатиов период. Министерството објави и хронологија на настани за кои вели дека е постапувано.
„На 01.06.2025 година, г-ѓа Арсовска била изложена на закана од возило во движење. Иако нејзината првична реакција не вклучувала информирање на МВР, полицијата веднаш постапи по сопствени оперативни сознанија, обезбедувајќи материјални докази. Веќе е поднесена кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик против едно лице“,
велат од МВР.
На 2 јули годинава, како што се додава во хронологијата на настани поврзани со Арсовска, таа преку социјалните мрежи пријавила закана од полициски службеник, а следниот ден, како што додаваат од МВР, службеници од Одделот за внатрешна контрола при Министерството извршиле службена посета на Град Скопје, земале изјава од градоначалничката по што повеле дисциплинска постапка против пријавениот полицаец.
„На 05.07.2025 година, во јавноста беа објавени информации за закани упатени кон советничката Ирена Витина. Веќе на 08.07.2025 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди воспостави контакт со советничката и иако таа одби да дојде во полициска станица, службени лица повторно извршија теренска посета. И овој случај се работи согласно пропишаните процедури“,
додаваат од Министерството.
Во однос на последниот инцидент кој се случи вчера во Чаир, од МВР посочуваат дека и покрај тоа што Арсовска одбила да го потпише полицискиот записник за примање на пријавата и ги напуштила полициските простории, полицијата ги привела осомничените лица за нејзиниот напад, а подоцна поднела и соодветна кривична пријава.
Во оваа смисла, од МВР ги отфрлаат обвинувањата дека не се постапува по случаите поврзани со Арсовска и апелираат функционерите да соработуваат со институциите и наместо да ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, тоа да го прават обраќајќи се до надлежните органи.