Починатиот А.М. (50) бил припадник на Армијата. За време на инцидентот не бил на должност, туку користел слободен ден
Напаѓачот што утринава со огнено оружје пукаше кон друго лице во скопско Батинци, усмртувајќи го, е идентификуван, но во моментов е бегство и се трага по него, информираат од Јавното обвинителство. Додаваат дека на местото е извршен увид и дека дежурен јавен обвинител издал наредби и насоки за прибирање докази.

Пукањето се случи утринава во скопско Батинци. Осомничениот напаѓач М.Џ. со огнено оружје пукал кон автомобил „киа“, кој бил во движење, притоа застрелувајќи го А.М. (50). Со прострелни рани во градниот кош тој бил пренесен во болницата „Свети Наум Охридски“, каде што починал.
Починатиот бил припадник на Армијата. За време на инцидентот не бил на должност, туку користел слободен ден.
„Ја информираме јавноста дека лицето со иницијали А.М. од скопското село Батинци, кое по трагичниот настан денеска им подлегнал на повредите, беше припадник на Армијата. Изразуваме длабока жалост до семејството на починатиот. За време на трагичниот настан лицето не било на служба во Армијата, односно било на користење слободен ден“
се вели во соопштението на АРМ.