Во реакцијата на бугарското МНР се наведува дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство, кои, како што обвинија оттаму, Северна Македонија јавно изјавува дека ги споделува, но во практика грубо ги крши
Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија остро ја осуди вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која тој, реагирајќи на епитетот „северномакедонски премиер“, кој му го даде шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, рече дека му дале задача да се задева исто како глушецот со лавот.

„Па, не би го коментирал тоа момче. Апелирам и до вас медиумите, оставете го тоа момче таму. Тоа е влада којашто во заднина друг ја раководи, тие луѓе треба да одработат и му рекле, му дале задача, ‘ајде сега задевај се’. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“,
изјави вчера Мицкоски.
- Мицкоски за Георгиев: Оставете го тоа момче, му дале задача да се задева исто како глушецот со лавот
Тој ова го изјави откако Георгиев го нарече „северномакедонски премиер“.
Во реакцијата на бугарското МНР се наведува дека изјавата на Мицкоски е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство, кои, како што обвинија оттаму, Северна Македонија јавно изјавува дека ги споделува, но во пракса грубо ги крши.
„МНР на Бугарија категорично го осудува неприфатливиот и навредлив јазик што го употреби г. Христијан Мицкоски во обраќањето до министерот за надворешни работи на Бугарија. Повторната употреба на вулгарни придавки кон претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува веќе кревката доверба меѓу нашите две земји, туку ја доведува во прашање и автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и кон декларираната желба за пристапување во ЕУ – процес што бара меѓусебно почитување, одговорност и политичка зрелост“,
се наведува во реакцијата на бугарското МНР.
Оттаму додаваат дека Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу земјите бидејќи, како што велат, ваквите изјави од македонска страна создаваат клима на непријателство и не ја демонстрираат политичката волја за враќање кон нормален и конструктивен разговор.