„Само нека ги тргнат овие, не мора јас да работам ништо. Само овие нека ги тргнат, тие нека изберат. Бидејќи ние не знаеме, се мешаме – еве ние ќе се повлечеме, само овие нека ги тргнат, затоа што секоја седница на Судскиот совет е скандал до скандал, еве тие нека ги одберат, ние не се мешаме“, изјави денеска Мицкоски прашан за коментар на Извештајот на Европската комисија за владеење на правото во кој се нотира мешање во независноста на судството од страна на извршната и законодавната власт
Нека дојде Европската комисија (ЕК) и нека избере и Судски совет и обвинители и, еве, со нив ќе работиме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го Извештајот на ЕК за владеење на правото, објавен завчера.

Ваквиот коментар на премиерот доаѓа откако ЕК во Извештајот оцени дека другите носители на државната власт – Владата и Собранието, се мешаат во третата – судска власт, а со тоа и во неговата независност.
Во Извештајот, беа споменати најавите на премиерот за „робусна мерки“ во судството и за распушатање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што, како што се наведува во документот, предизвикале сериозна загриженост во однос на почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта.
Во тој контекст, Мицкоски денеска беше прашан дали ќе се повлече од ваквите најави и конкретно како ги коментира оценките на Европската комисија во однос на состојбите во судството и борбата против корупцијата.
Одговарајќи, тој рече дека и покрај изгласаната интерпелација на петтемина членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието, тие и понатаму останале на своите позиции, односно не си поднеле оставка, па сега ќе чекаат да им помине мандатот.
„Па јас се повлеков. Гледате дека ништо не правиме, изгласавме интерпелација, тие со рејтинг два отсто си продолжија за 2-3 000 евра месечно да го трошат буџетот на ваш грб. Јас кога би имал два проценти рејтинг и кога би ми изгласале интерпелација тие што ме бираат, би си отишол сам. Јас немам моќ со сила да ги натерам да си заминат од таму, ќе чекаме да им поминат мандатите и да ги замениме со некои нови. Таков е законот“,
рече Мицкоски.
Во меѓувреме, како што кажа, се подготвуваат законски решенија што се дел од Планот за раст и реформската агенда, а кои треба да завршат до крајот на оваа година.
„Следната недела имам подолг состанок со министерот за правда, да направиме еден пресек до каде сме, имаме многу законски решенија коишто се во процес на изработка и да почнеме полека еден по еден да ги усвојуваме во парламентот“,
рече тој.
Во тој контекст, тој кажа дека има предлог до Европската комисија.
„Ако зборуваме за правда и ако тие мислам дека овие луѓе треба да донесат правда јас не знам кој жив човек во Македонија верува дека тие можат да донесат правда. Еве јас ќе дадам предлог, нека дојде Европската комисија и нека избере и Судски совет и обвинители и, еве, со нив ќе работиме. Само нека ги тргнат овие, не мора јас да работам ништо. Само овие нека ги тргнат, тие нека изберат. Бидејќи ние не знаеме, се мешаме – еве ние ќе се повлечеме, само овие нека ги тргнат, затоа што секоја седница на Судскиот совет е скандал до скандал, еве тие нека ги одберат, ние не се мешаме“,
рече премиерот.

Инаку, Извештајот за владеењето на правото во земјава во детали се осврнува на настаните што во изминатата година, односно од јули 2024 година ги одбележаа и влијаеја на состојбите во судството, а кои се поклопуваат со доаѓањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но се навраќа и на одлуки донесени претходно и чии негативни последици сè уште се чувствуваат во судството, особено во делот на практикувањето на правдата.
Станува збор за втор ваков извештај на извршното тело на Европската Унија откако лани Комисијата по првпат ги вклучи Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија во посебните извештаи во кои се анализираат состојбите со владеењето на правото на ниво на Европската Унија.
„Северна Македонија продолжува да ги спроведува своите судски реформи“,
е правата речица од сижето на Извештајот.
Но, веднаш во втората се наведува „мешањето и притисокот од другите државни носители на власта предизвикуваат сериозна загриженост во врска со независноста на судството“.
Документот на Европската комисија се осврнува и на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, која беше иницирана од Владата во март годинава. Ова, како што се наведува во Извештајот, открило недостатоци во законските норми за разрешување, но и ризик од политизација.
Во делот за борба против корупцијата, Европската комисија нотира и дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривањето и пријавувањето на случаи на корупција.
Според Извештајот, Антикорупциска, која од почетокот на минатата година работи во нов состав, често се потпира на медиумски извештаи при идентификувањето на можни случаи на корупција.