Од МВР велат дека се преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнивање на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела
Тројца малолетници, странски државјани, вчера околу 23:40 часот се приведени во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден во рамки на засилените полициски активности во врска со пожарите во Скопскиот Регион. Кај малолетниците бил пронајден ранец со две шишиња од по еден и пол литар бензин, две петарди, запалка и течен лепак.

„Во присуство на дежурен тим на Јавна установа центар за социјални работи и адвокат извршен е службен разговор, по што со потврда за предавање на лица истите се предадени на Јавна Установа Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
МВР информира и дека вчера околу 22 часот во близина на Раштански пат, на стариот пат кон Смилковското Езеро, по избувнување на пожарот на ова место, биле пронајдени жици од запалена гума, ракавица и дел од друга ракавица. Единицата за увид на место на настан и анализа при СВР Скопје ги подигнала предметите за вештачење.
Додаваат дека се преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнивање на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашната седница на Кризниот штаб за состојбата со пожарите изрази сомнеж дека пожарите се подметнати од човечки фактор.